Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по четврти пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 10 јануари 2021 година.
Специјалната награда „Антево слово“ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, претставник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Претсавниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот.

