27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Национален консултативен состанок за врсничко насилство помеѓу младите во основните и средните...

„Национален консултативен состанок за врсничко насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“ организиран од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНИЦЕФ во Република Северна Македонија (РСМ).

На 25 јуни 2020 година, од 11:00 до 13:00 часот, на вебех платформата се одржа „Националниот консултативен состанок за врсничкото насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“ организиран од страна на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНИЦЕФ во РСМ, на кој присуствуваа 45 претставници на Министерство за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, наставници и стручни соработници од основните и средните училишта, претставници од социјалниот сектор, универзитети и граѓански организации.

Во рамки на консултативниот состанок  беа презентирани резултатите добиени од истражувањето „Врсничко насилство меѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“,  кое го спроведе дел од тимот на Катедрата за психологија при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, водено од страна на главниот истражувач, Доцент д-р Димиринка Јорданова Пешевска.

Воведен збор и добредојде на присутните им посака проф. д-р Иван Додовски, декан на Факултет за политички науки и психологија, од името на УАКС, посакувајќи плодна дискусија во насока на унапредување на превенцијата и заштитата на децата од врсничко насилство.

Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија на присутните им се обрати г-н Боре Пуцовски програмски офицер, кој ја истакна значајноста од вложувањата во превенцијата и заштитата на децата од насилство пред се заради спречување на негативните последици по здравјето на учениците и унапредување на нивната добросостојба. То исто така ги истакна низата на мерки направени во насока на поддршка на училиштата во РСМ за развој и добросостојба на децата.

Доцент д-р Димиринка Јорданова Пешевска, ги презентираше резултатите од студијата „Врсничко насилство меѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“, спроведена во основните и средните училишта во скопскиот регион во период од септември до ноември 2019 година. Примерокот опфати вкупно 770 ученици од основно  (вкупно 335 ученика) и средно образование (вкупно 435 ученика) на возраст од 11 до 16 години.

Резултатите од истражувањето покажаа дека 48.3% или речиси половина од учениците во основните и средните училишта во скопскиот регион се жртви на врсничко насилство или булинг еднаш или повеќе пати во изминатата година. Вкупно 37.4% од учениците еднаш или повеќе пати биле жртви на психолошко насилство, 29.5% од учениците биле жртви на социјална агресија, повреда на сопственост доживеале 19.4%, додека физичко насилство доживеале 6.6%

Врсничко насилство извршиле 26.1% од учениците еднаш или повеќе пати во изминатата година. Според видот на насилство, 15.8% од учениците извршиле психолошко врсничко насилство, социјалната агресија е извршена во 12.6%, додека повреда на сопственост  извршиле 4.2% ученици. Физичко насилство врз врсници извршиле 4.9% ученици.

Вкупно 13.9% од учениците, повеќе пати или секогаш во изминатата година биле жртви на сексуално вознемирување, додека 2.1% од учениците  известиле дека извршиле сексуално вознемирување.

Според резултатите од истражувањето во однос на сајбер насилството, 14.9% од учениците, повеќе пати или секогаш во изминатата училишна година биле жртви на сајбер насилство, додека 4% од учениците биле извршители на  сајбер насилство.

Во рамки на консултативниот состанок се отвори дискусија со учесниците за идните препораки и насоки за превенцијата и заштита на децата од насилство во училиштата. Во дискусијата активно учество земаа следниве панел дискутанти: проф. д-р Драгана Батиќ, „Универзитет Св. Климент Охридски“; Г-а Елена Ивановска и Г-а Јаворка Ѓорѓиевска од Министерството за образование и наука; д-р Жаклина Просаровска, Министерство за внатрешни работи и Г-а Ана Попризова, претседател на Активот на стручни соработници на средните училишта на град Скопје.

На состанокот се дискутираа бројни идеи за унапредување на превенцијата и заштита на децата од насилство во училиштата, од кои би ги истакнале следниве: сеопфатен систем за рана детекција, заштита, документирање и упатување, креирање на превентивни програми засновани на докази (психолошки советувалишта, програми за позитивно родителство, спречување на трансгенерациското насилство), континуирана едукација и развивање на вештини за интервентни програми на наставниот кадар и стручните служби, јакнење на мултисекторската соработка. Вложувања во примарна, секундарна и терцијарна превенција како и создавање на безбедни училишта беа дел од препораките.

Исто така беше упатена пораката дека треба да се запре насилството и да се креира клима на доверба во системот за нулта толеранција за насилството во училиштата и во општество.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП