28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДесет романи во конкуренција за роман на годината за 2019 година

Десет романи во конкуренција за роман на годината за 2019 година

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2019 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во втората селекција избра десет романи што останаа во конкуренција за оваа награда.

На годинашниот конкурс пристигнаа 38 романи. Жири-комисијата во првата селекција избра 20 наслови, а сега списокот го скуси на десет романи. Според најавите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, во петок, на 13 март.

Во потесна конукренција за добивање на наградата остануваат „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков, „Правта на библиотеките“ од Митко Маџунков, „Мрежата на Мамли“ од Блаже Миневски, „Пагански времиња“ од Драги Михајловски, „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски, „Години од слама“ од Братислав Ташковски, „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска, „Ура, Арал!“ од Тања Урошевиќ, „Приказни за госпоѓица Сит“, Билјана С.Црвенковска.

Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 21 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.

Жирито што го прави изборот за роман на годината , е во состав Николина Андова Шопова, минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата, Милован Стефановски, писател, Весна Мојсова Чепишевска, професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Славе Ѓорѓо Димовски, писател и Катерина Богоева, претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП