28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Виолински класици“ во четврток во Филхармонија

„Виолински класици“ во четврток во Филхармонија

„Виолински класици“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Како солист ќе настапи виолинистот Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Увертирата „Земја на планина и поплава“ (1887) премиерно ќе биде изведена на македонската сцена, а нејзиниот автор, шкотскиот композитор Хамиш Меккан (1868–1916), најголемата популарност, всушност, ја стекнал токму со ова дело. Во 1970-тите години, увертирата беше искористена во шкотската ТВ-серија „Законот на Сатерленд“, која ја продуцираше Би-би-си и, на некој начин, неговото име повторно почна да се слуша во јавноста. Музиката на Меккан е романтичарска и во неа се чувствува силно влијание од она што го креираа неговите претходници како што се Дворжак, Менделсон, Григ, па и Вагнер.

Виолинскиот концерт во ге-мол е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920), иако тој зад себе оставил голем број други импресивни творби, кои претежно ги обликувал со боите на народните песни за кои особено се интересирал. Но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената.

Симфонија бр. 7 поседува богатство од тематски идеи – од темни и мрачни до пасторални, со прекрасни мелодии што ја дефинираат целокупната атмосфера. Во адаџото посебно се чувствува „луцидноста на постигнатата слава“ и овде има најмногу лични параграфи и затоа е помеланхолично, додека скерцото е специфично по ритмиката која носи контраст и питорескност на еден фолклорен начин, но и богат развој и екстензија која плени. Се смета за структурно најамбициозна симфонија на Дворжак, иако неговата Деветта е најпопуларна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП