26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнува Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“

Почнува Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“

Седум претстави и еден документарен филм се на програмата на шестиот Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, кој ќе почне денеска и ќе трае до 9 септември, а е во организација на Театар Комедија во соработка со Општина Аеродром. Фестивалот ќе се одржи во спортскиот центар Ново Лисиче, а влезот е бесплатен.

Фестивалот ќе го отвори Театарот за деца и младинци со претставата „Волшебната флејта“. Утревечер е првата гостинска претстава – „Кнегињата од Фоли Брежера“ на Народно позориште Ниш, а во наредните пет дена ќе бидат изведени претставите: „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово; „Забрането смеење“ на театарот „Антон Панов“ од Струмица; „Како да се ограби банка“ на Драмскиот театар; „Каде е пиштолот?“ на Народниот театар Охрид и „39 степеница“ на Загребачко градско казалиште „Комедија“ од Загреб.

Фестивалот свечено ќе биде затворен идниот понеделник, 9 септември, со доделување на наградите и премиерно прикажување на документарниот филм за актерката Анче Џамбазова (1942-1997). На затворањето на 6. „Гола месечина“ за посетителите ќе има и стендап на Никола Тодоровски.

Општина Аеродром од буџетот одвои 1.200.000 денари и логистички му помога на организаторот, Театар Комедија, успешно да го реализира фестивалот кој, како што соопшти, игра важна улога во развојот на културниот живот во општината и е нејзин заштитен знак.

Претставите ќе се изведуваат во спортскиот центар „Ново Лисиче“ со почеток во 20 часот. За наградите за претставите од програмата ќе одлучува тричлено меѓународно жири.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП