1 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПодготовките на второто издание на Меѓународната манифестација „Антево перо“ во поодмината фаза

Подготовките на второто издание на Меѓународната манифестација „Антево перо“ во поодмината фаза

Подготовките на второто издание на Меѓународната поетско- културна манифестација „Анте Поповски- Антево перо“ се веќе во поодмината фаза. Покрај распишаниот конкурс за доделување на наградата „Антево перо“ востановена во чест на творештвото на Анте Поповски, која се доделува за необјавена поетска книга на македонски јазик, во тек е допрецизирањето и на последните детали и содржини кои ќе и дадат белег на годинешната Манифестација.

И покрај далеку поскромниот доделен буџет во однос на претходната година кога Манифестацијата за првпат влезе во годишната програма на Министерството за култура, организаторите ќе понудат многу поамбициозна и побогата програма, како што впрочем и заслужува Анте Поповски.

Манифестацијата овојпат ќе се одвива од 4 до 6 октомври во Скопје и во родното село на поетот, Лазарополе. На 4 октомври  во спомен собата на Анте Поповски во Домот на културата во Ѓорче Петров, ќе се случи традиционалното поетското читање за учесниците на Годинешниот конкурс. Пред присутните со пригодна реч, официјално ќе биде прогласен победникот, кому ќе му биде врачен и и отпечатениот авторски примерок од победничката збирка. Предвиден е и свечен чин на врачување на благодарници на поетите учесници на годинешниот конкурс, како и награди на придружните поети чии што збирки ќе се најдат во најтесната конкуренција за наградата.

Работилници за креативно пишување и поетско изразување се планирани за талентирани млади од сите образовни степени, за што во моментот се водат преговори со неколку образовни институции.

Поетско матине е предвидено и на 5 октомври во прекрасниот и реновиран Парк на поезијата на мијачкиот крај во Лазарополе, но и во акустичниот амбиент на селскиот духовен храм „Свети Ѓорѓија“.

Суштинска новина е Симпозиумот за великанот Анте Поповски под наслов „Антево дело“, кој ќе се одржи во хотелот „Калин“ во Лазарополе со следните теми:

Творештвото на Анте Поповски;

Поезијата на Анте Поповски;

Есеистиката на Анте Поповски;

Анте Поповски како културен придвижник и мисионер;

Анте Поповски како културолог и филозоф на уметностите;

Анте Поповски – поширока дејност (новинарска, општествено-политичка, итн.);

Анте Поповски и елитната културна боемија.

Предвидено е Симпозиумот да покрене: литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметност, естетика, теми од културното-боемско живеење, итн.  Учесници на Симпозиумот ќе бидат научни, културни работници, писатели, уметници, сликари, јавни личности, но и негови познати кои би ги расветлиле Антевото дело и неговиот лик.

Симпозиумот е пред  се насочен кон нови научни достигнувања, но може да биде отворен и кон поширок пристап. По сесиите се предвидува да има дискусии и предлагање на нови темиза следниот Симпозиум, а Одборот на манифестацијата планира да отпечати и Зборник на трудови од Симпозиумот.

Членовите на Академијата Анте Поповски, на одделна седница, меѓу другото, ќе се произнесат и за проширувањето со нови членови, но и за натамошното чување и заштита од заборавот на ликот и делото на Анте Поповски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП