19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнуваат 47. Мајски оперски вечери

Почнуваат 47. Мајски оперски вечери

Меѓународниот фестивал на оперската уметност Мајски оперски вечери почнува вечерва, 9 маj, а ќе трае до 31 мај. За време на фестивалот, кој оваа година се одржува 47. пат, се изведуваат некои од најубавите оперски претстави, како и една балетска претстава, а учествуваат реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.

Оваа година Мајските оперски вечери свечено ќе се отворат и ќе се затворат со „Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди. Спојот на традицијата со визуелната иновација, футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта. Италијанскиот диригент Енрико Довико ја има честа да ги отвори Мајските оперски вечери со премиерната изведба на „Аида“ во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија. Режијата ја пренесува и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети, а асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ќе настапат Благица Поп Томова како Аида, Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ќе ја толкува Владимир Саздовски, а во улогата на фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија.

„Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, бисерот на балетската уметност, легендарниот и еден од најубавите балети во класичната уметност, ќе биде изведен на 12 мај. На 15 мај ќе биде изведена операта „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети.

Од 15 до 31 мај, во делот најавен како офф-програма, од 19 часот, ќе биде поставена изложба во чест на примадоната и еден од основоположниците на оперската уметност во Македонија, мецосопранот Ана Липша-Тофовиќ.

„Риголето“, уште едно ремек-дело на Џузепе Верди, ќе биде изведено на 18 мај во режија на Нина Најденова од Бугарија.

На 20 мај, како дел од офф-програмата, во соработка со австриската амбасада во Скопје, ќе се одржи проекција на отворено на операта „Ана Болена“ на Гаетано Доницети. Настанот ќе се одржи пред платото на НОБ по повод одбележувањето на 150-годишнината од основањето на Виенската државна опера.

Величественото дело „Боеми“ на Џакомо Пучини ќе биде изведено на 22 мај под диригентската палка на Оливер Балабурски, во режија на Дејан Прошев. На 28 мај ќе имаме можност да проследиме уште еден бисер на оперската уметност, „Травијата“ на Џузепе Верди, ремек-дело чие либрето е напишано според романот „Дамата со камелии“ на Александар Дима.

Годинешниот фестивал ќе биде затворен на 31 мај со повторна изведба на Вердиевата „Аида“ под диригенство на Дијан Чобанов од Бугарија, диригент со богата европска кариера. Во главните улоги ќе настапат Русинките Олга Романко како Аида и Ирина Долженко како Амнерис. Во улогата на Радамес ќе настапи првенецот Ѓорѓи Цуцковски, а во улогата на Амонасро ќе настапи Анџело Веча, гостинот од Италија. Улогата на Фараонот ќе ја исполни Александар Стефаноски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП