20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на „Педесет години во Драмски... и клоцата во...“ на Коле Ангеловски

Промоција на „Педесет години во Драмски… и клоцата во…“ на Коле Ангеловски

Денеска, со почеток во 19 часот, во бифето на Драмски театар – Скопје ќе биде промовирана книгата „Педесет години во Драмски… и клоцата во…“ на Коле Ангеловски, македонски театарски и филмски актер, театарски и филмски режисер, сценарист, писател, раскажувач и амбасадор на македонската култура.

Книгата, чиј приредувач, уредник и рецензент е Свето Стаменов, е своевиден автобиографски запис за педесетте години што легендата на македонскиот театар ги помина во Драмскиот театар во Скопје како актер и како режисер, но и приказна за самиот театар, за луѓето во него, за претставите што ги режирал, за успесите и наградите, но и за разочарувањата што ги доживеал. Самиот автор за книгата вели:

„Мојот живот во Драмски, пред сè, беше огромната љубов кон Театарот и луѓето во него, ова е многу субјективна и носталгична приказна, работите мене ми се случувале и ако во овие мои писанија некој се почувствува навреден или обесправен да знае дека не е со зла мисла, а може да е со намера.

Ова е приказна за луѓето во Драмски, директорите, актерите, техничките директори, сценските работници, инспициентите, електричарите, тонските мајстори, шивачите, шминкерите, реквизитерите, администрацијата, чистачките, портирите… за ходниците, тајните места во театарот, чигите, рефлекторите, прашината, провевот… за бифето, разговорите, песните, кавгите и тепачките…Ова е приказна за претставите, пробите, животот во театарот, за патувањата, турнеите, гостувањата, фестивалите…Сето ова јас го доживеав, но кој знае, можеби и не било баш така?!“

Книгата ја красат и педесетина фотографии од најзначајните претстави што Коле Ангеловски ги режираше на сцената на Драмскиот театар, а содржи и индекс на театарски текстови што тој ги напишал и на театарски текстови што тој ги превел.Промотори на книгата „Педесет години во Драмски… и клоцата во…“, се Сашо Тасевски, актер во Драмскиот театар, и Тодор Кузманов, новинар и театролог, а на промоцијата, која е замислена како разговор со авторот, ќе настапат и повеќе актери на Драмскиот театар.Излегувањето на книгата „Педесет години во Драмски… и клоцата во…“ беше овозможено со финансиски средства на Министерството за култура.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП