4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДве книги драми за Скопје од Томислав Османли

Две книги драми за Скопје од Томислав Османли

Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ деновиве го објави изборот „Драми за Скопје 1 и 2“ на драмскиот автор, сценарист и прозаист Томилав Османли. Станува збор за двотомна објава во која се поместени пиеси, монодрами и сценски прикази со Скопје како хронотоп во овој дел од драмски текстови од Османли. Првата книга ги донесува трите целовечерни пиеси: „Светулки во ноќта“, „Техно ѕвезда“ и „Пат за Парамарибо“, проследени со информации за нивните изведби и со предговорите на авторот напишани за театарските програми. Во втората книга се посметени монодрамите „Облачна исповед“ и „Дирекција за внатрешна контрола“ (единствен неизведен текст од двотомната објава), како и сценските повести „Мементо за еден град“ и „Пруга за ледната пролет“.

Во своите пиеси, Османли се јавува делумно со носталгии во историските чувствувања на Скопје, но и со тревожен драматски лиризам. Во своите театарски текстови тој критички говори за времињата на новите искушенија на Градот низ судбините и психолошките прекршувања на неговите обични, мали луѓе. Така, два од неговите драмски текста се непосредни реплики на југословенската војна која во 1999 се случуваше во соседството („Техно ѕвезда“, изведена 2000 година), и на судирот од 2001 година кај нас, и светскиот судир започнат со терористичките акти врз Америка (во пиесата „Пат за Парамарибо“, изведена 2002-та). Првиот текст открива галерии на обични луѓе од нашава, донекаде се’ уште задржана традиционална средина, а вториот – анонимни, но и редица познати ликови од светската историска сцена на минатото и на современоста во големите предизвици на епохата што ја живееме.

-„Драмите за Скопје“ – вели издавачот и писател Глигор Стојковски кон најновата објава на неговото книгоиздателство „ВиГ Зеница“ – се имагинативно бродење низ историјата, и сценски погледи врз нејзините хировити игри што се случуваат на еден простор, колку во Скопје, уште повеќе во драмата на обичниот човек збиен во големата, драматична мелница на историјата. И не само на минато, туку и на сегашноста неизвесно отворена кон предизиците на новиов век.

Досегашните режии на драмките текстови поместени во двотомникот „Драми за Скопје“ ги потпишаа Виолета Џолева, Деан Дамјановски, Димитрие Османли и Нела Витошевиќ. Театарските претстави и драмските текстови на Османли добиваа позитивни рецензии од театарската критика. Монодрамата „Облачна исповед“ стана лауреат на Првата награда на 4. Фестивал на монодрамата во Битола во 2002 година, а истата година неговата пиеса „Пат за Парамарибо“ доби награда на македонската редакција на Deutsche welle за антивоена творба. За драмските текстови застапени во првата книга, Османли стана добитник и на Наградата „13 Ноември“ (по втор пат) со која 2002 година, градот Скопје му се оддложи за разнородните и многукратните творечки осврнувања кон Скопје како простор на страствени и на тивки драмски судири и збиднувања. Првата награда „13 Ноември“ овој автор ја доби во 1987 година за слични творечки продонеси.

Двата тома „Драми за Скопје“ што се појавија во издание на ВиГ „Зеница“, се поддржани со средства од најновиот конкурс за проекти од културата и уметноста распишан од Градот Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП