4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА,,Мишко” на фестивали во Љубљана и Најмеген

,,Мишко” на фестивали во Љубљана и Најмеген

Краткометражниот независен игран филм ,,Мишко” продолжува да се прикажува на значајни филмски фестивали низ светот. Во петок (29.03), ќе биде прикажан на фестивалот ,,Кинотрип” во Љубљана, на покана од фестивалскиот тим, во киното Кинодвор. А, на 2-ри април ќе биде прикажан на фестивалот ,,Go Short” во Најмеген, Холандија. Овој фестивал е квалификуван за наградите Оскар (САД), БАФТА  (ВБ) и Европските филмски награди (ЕФА). На фестивалот ќе биде презентиран новиот филмски проект во развој на Ханис Багашов, како еден од 20-те селектирани проекти и учесници на фестивалскиот камп, од 3-ти до 7-ми април.

,,Мишко” беше единствениот македонски филм на престижниот Сараевски филмски фестивал минатата годинава, помеѓу 266 филма од 56 земји, а учествуваше на 30 меѓународни фестивали, во 14 земји, и освои неколку значајни награди. На 20-тото издание на фестивалот ЈУКИ во Австрија, филмот ја освои наградата од публиката, а филмската критичарка Gudrun Joeller оддржа целодневна работилница посветена на ,,Мишко”, за австриските студенти – опишувајќи го како исклучително содржаен и зрело направен филм, пример за студентите. ,,Мишко” беше премиерно прикажан минатата година на Скопскиот филмски фестивал.

Приказната го следи Ангел, тивко и повлечено момче, кој оди со својот другар Мишко да бере јаболка за продажба. Но, како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со суровоста на Мишко и своите родители.

Режисер и сценарист е 19 годишниот Ханис Багашов, продуцент и кинематографер е Самир Љума, монтажата е на Радован Петровиќ, музиката на Златко Ориѓански, колорот на Андреј Ѓорѓиевски, дизајн на звукот на Зоран Проданов, костимите на Мирјана Јосифоска. Улогите ги толкуваат натуршниците Марко Ристоски, Тарик Рамадани, Веда Спасовиќ, Менча Јакимоска, како и актерите Верица Недеска и Игор Ангелов. Сценариото е според мотиви од краток расказ на Иво Андриќ.

Филмот е во независна продукција.

Трејлер од филмот: https://vimeo.com/270655313

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП