25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЗапознајте ги ликовите од филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“

Запознајте ги ликовите од филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“

Уште пред официјалната светска премиера на филмот Господ постои, името ѝ е Петрунија на 10 февруари на Берлинале, филмот предизвика огромен интерес кај јавноста.

Темата е несомнено интересна, а уште повеќе ветуваат и ликовите кои ја носат приказната, секако на чело со Петрунија, во улога на изврсната Зорица Нушева.

А кого сѐ ќе сретнеме во „Господ постои, името ѝ е Петрунија“?

Петрунија, во улога на Зорица Нушева, има 32 години и е навработена историчарка која живее со мајка ѝ и татко ѝ. Живеат од социјална помош и од работата што повремено ја наоѓа мајка ѝ. Петрунија одбива да се вработи во текстилна фабрика. Таа одбива да ја прифати традиционалната улога што ѝ ја наметнува општеството. Упорна е и одлучна да дојде до заокружувањето на својата идеја, без оглед на околностите.

Теона, за Петрунија дополнително вели: „Таа е како Марија Магдалена додека поминува низ своите искушенија, а филмот се претвора во некој вид бајка, или современа игра за денешната жена.“

Васка, во улога на Виолета Шапковска, е нејзината мајка која има многу традиционални гледишта и верувања, а сепак таа се цепи меѓу нејзината мајчинска потреба да разбере и да ја заштити ќерка си и традиционалните вредности кои се толку длабоко вкоренети во нејзиното општество и нејзиниот ментален склоп.

Таткото на Петрунија, во улога на Петар Мирчевски, иако не многу присутен, е најголемиот нем поддржувач на својата ќерка.

Благица, во улога на Андријана Колевска, е најдобрата пријателка на Петрунија, иако пример за тоа како помладата генерација е неспособна да мисли надвор од строгите правила на нејзиното општество. Кога ќе се најде притисната во ќош, таа многу брзо почнува да го брани моралот кој ја унижува како жена во нејзиниот сопствен свет.

Попот, во улога на Суад Беговски, е само играчка во рацете на помоќните; подготвен е да лаже за да ја задоволи идејата прифатена од естаблишментот.

Милан, во улога на Симеон Мони Дамевски, е началникот на полицијата кој е вистински дипломат, тој постојано се обидува да го задоволи интересот на сите засегнати страни без да ѝ придава многу важност на вистината.

Шанкерот, во улога на Владимир Тулиев, е уште еден претставник на помладата генерација и, иако машко, способен е јасно да различи меѓу исправното и погрешното и да го препознае чинот на Петрунија како праведен.

Дарко, во улога на Стефан Вујишиќ, е младиот полицаец кој можност за љубов за Петрунија, нежен е и загрижен, но беспомошен кога станува збор за конечниот исход од настаните.

Јавниот обвинител, во улога на Бајруш Мјаку, ја препознава апсурдноста на ситуацијата во која се наоѓа Петрунија. Тој среде ноќ е повикан од Скопје во Штип за случајот “Украдениот Крст”.

Мажот што го украде крстот, во улога на Илија Волчески, е млад маж кој не може да согледа ништо надвор од неговите интереси како маж. Всушност, во филмот се среќаваат повеќе т.н. “angry mеn” кои се во борба против Петрунија за освојување на крстот.

Камерманот Боjкан, во улога на Џевдет Јашари e вљубеник на фудбалот, а секој слободен момент кога не снима, го поминува во обложување.  Провејува чудна симбиоза помеѓу него и новинарката Славица.

Славица, во улога на Лабина Митевска, е новинарка, борец исто како и Петрунија, храбра е и бескомпромисна во нејзината битка за правдата и вистината.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП