
Под покровителство на премиерот, Зоран Заев, во Националната галерија Чифте амам вчера вечер се одржа јубилејната манифестација „Остен – уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018.


Под покровителство на премиерот, Зоран Заев, во Националната галерија Чифте амам вчера вечер се одржа јубилејната манифестација „Остен – уметност на хартија“ по повод 50 години Светска галерија на карикатури Скопје 2018.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев изразил особена чест и привилегија што ја прогласил за отворена големата изложба со дела од меѓународни уметници и документарната изложба „50 години Светска галерија на карикатури“.
„Честа е уште поголема и заради тоа што, како покровител на овие наши уникатни, единствени, културни проекти, имам и одговорност и обврска да им посакам добредојде на нашите уметници и карикатуристи, но и на повеќе од 200 наши гости од десетици земји од светот. Светската галерија на карикатури, која се организира веќе 50 години, е културен бренд, настан и датум запишан со црвено во календарот на меѓународните настани од сферата на културата“, порачал премиерот.
Тој додал дека оригиналноста и уникатноста на оваа манифестација е една од карактеристиките што ја одржува како важна и неодминлива точка на спектарот на светските културни настани.
„Светската галерија на карикатури е основана од прогресивната меѓународна заедница на шестите Средби на солидарност во Скопје во 1969 година и со тоа Скопје стана важна референтна точка на оваа дејност на мапата на светот“, истакнал Заев.
Директорот на Остен, Мице Јанкуловски, во својот поздравен говор рекол дека Светската галерија на карикатури е најголемиот светски бренд во карикатурата и најголемиот македонски бренд во културата и во светот.
„Додека се одржува оваа манифестација, Скопје е град на современата светска карикатура, собиралиште на карикатуристи од целиот свет, место каде што се разговара за карикатурата вчера, денес и утре“, истакнал Јанкуловски.
Претседателот на интернационалното жири на Остен Биенале на цртеж Скопје 2018, Манос Стефанидис, порачал дека уметноста бара отворен ум, отворено срце и чувствителност.
„Имам чувство дека тука вечерва се случува нешто многу важно: имаме музеј, имаме колекција, сето тоа е многу живописно и вчудоневидувачко, но истовремено се наоѓаме во центарот на Европа и тоа објаснува дека уметноста на Балканот е исто така во срцето на уметноста на Европа“, кажал Стефанидис кој инаку е куратор на Националната галерија на Грција и професор по историја на уметност на Универзитетот во Атина.
Педесеттото издание на Светската галерија на карикатури годинава го обележаа 792 дела од 208 карикатуристи од 50 земји во светот, а на Остен Биеналето на цртеж Скопје 2018 учествуваа 868 автори од 61 земји со 2.317 дела.
На централниот настан се доделија награди на уметници и признанија на партнери и соработници на Светската галерија на карикатури и Биеналето на цртеж. Главните награди на Биеналето се доделија на Пјер Сулаж од Франција, со наградата Гран при за животно остварување и на Хенри Мур од Обединето Кралство, со наградата Светско културно наследство.
Иницијативата на ОСТЕН – уметност на хартија со Светската галерија на карикатури, Биеналето на цртеж и Биеналето на наградените автори го најавија и формирањето на – Остен Музеј на цртеж.
„Овој нов предизвик – формирањето на Остен Музејот на цртеж во Скопје, ќе овозможи повеќе-илјадната збирка на Остен да биде соодветно архивирана и евидентирана, ќе се овозможи нејзина заштита и чување, стручно истражување, обработување, проучување, презентирање и публикување, а самата збирка ќе биде достапна за македонската и светската јавност“, рекол премиерот Заев по однос на овој проект.