Незаборавна сезона зад себе има Герет Бејл. Тој одигра на многу високо ниво во Тотенхем и сега без проблем може да одбере каде ќе ја продолжи кариерата и за која цена ќе настапува.
И додека се уште размислува дали ќе се пресели во „реаловото“ или некое друго фудбалско царство, Велшанецот одлучил да покрене своја сопствена линија за гардероба и додатоци исто како неговите славни „колеги“, Дејвид Бекам и Кристијано Роналдо. Бејл веќе го стори првиот чекор и поради тоа го регистрираше и правно го заштити логото „Eleven of Hearts“, а наскоро овој бренд треба да има своја презентација.
Логото ќе се состои од десет прсти кои формираат срце, а во средината ќе го има бројот 11, што е повеќе од јасна илузија на Бејл и неговиот заштитен знак – бројот на дресот и начинот на кој ги прославува погодоците. Маркетинг експертите велат дека Бејл само од продажбата на маици, патики и останати работи со неговото лого кога ќе влезе во производство би можел да заработи 11.7 милиони евра.
Велшанецот само од договорот со Адидас годишно заработува плус 2.3 милиони евра, а од неодамна тој стана заштитно лице на една приватна британска спортска телевизија.