10 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПретстави од седум земји на 12. Интернационален театарски фестивал „Скупи“

Претстави од седум земји на 12. Интернационален театарски фестивал „Скупи“

Од утре до 30 октомври во Младинскиот културен центар ќе се одржува 12. Интернационален театарски фестивал „Скупи“, на кој ќе гостуваат седум претстави од исто толку земји.

Селекторот Сенко Велинов денеска на прес-конференција рече дека претставите што ги носат на „Скупи“ се според можностите што им ги дозволува буџетот, а целта како и во изминатите изданија е да поканат театари што не гостувале и претстави што овде не се видени.

Под мотото „Преку границите“, фестивалот ќе биде отворен утревечер со претставата „Татко ми го сакаше Адолф“ на Театарот од Гнилане од Косово. Од четврток и во наредните денови на програмата се: „Крал Иби“ во продукција на Девет-фестивал од Белград; „Хамм-лет – студија на ненаситност“ на Малата компанија на Магнолија од Торино, Италија; „Опасни врски“ на театарот „Николаи О.Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија; „Мајка и дете“ на „М.А.М Фондација од Тирана; „Брашното во нашите вени“ на Саравески воен театар Сартр од Сараево и „Окупирај се“ на Независен театар „Проект чекална“ од Клуж-Напока, Романија, со која идниот вторник фестивалот ќе биде затворен. Ќе биде доделена гран-при награда за најдобра претстава, за која ќе одлучува тричлено меѓународно жири.

Фестиваалот и годинава ја задржа традицијата да нема претстава од Македонија. Селекторот Велинов рече домашни претстави (македонски, албански или турски) може во секое време да се посетат зашто ги има на репертоарите на театрите и не би сакале тие да им бидат, како што рече, алиби за потрошените пари што ги добиваат од Министерството за култура, кои и онака се малку.

Селекторот Велинов, како и директорот на фестивалот Музбајдин Ќамили-Мучи, рекоа дека фестивалот веќе 12 години функционира на туркање и со многу ентузијазам. Ќамили рече дека за финансиската поддршка оваа година имале проблем со Министерството за култура, буџетот бил неизвесен и скратен, но потоа успеале да добијат буџет на ниво на буџетите од минатите години. Приходот од влезници, рече, и го подаруваат на установата каде што се играат претставите.

– Овој фестивал постојано се натпреварува во една дисциплина која ја нема на ниедна олимпијада, а таа се вика маратон се пречки. Неверојатно е како овој фестивал постојано, од година в година, имал најразлични пречки од најразлични луѓе и постојано некој се појавувал кој сакал да си ја измери моќта на нашиот фестивал и некако овој фестивал постојано излегувал од сето тоа како победник, истакна Велинов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП