
Во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20 часот, театарот „Јордан Х.К. – Џинот“ од Велес ќе настапи на манифестацијата „Бела ноќ“ со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.


Во Драмскиот театар во Скопје, со почеток во 20 часот, театарот „Јордан Х.К. – Џинот“ од Велес ќе настапи на манифестацијата „Бела ноќ“ со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски.
„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, за застарените методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Во време на глобализација, кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства што ги носиме во себе, оваа претставата топло ја брани неправдата што ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација.
Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
„Синиот портокал“ е една од најизведуваните претстави на велешкиот театар, со над 40 изведби на репертоарот. Претставата досега беше изведена и во Центарот за култура во Радовиш, фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Скопско лето, Македонското културно лето во Албанија, на фестивалот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, како и на фестивалот „Ин Виница веритас“ во Виница. За улогата на Ерџан, актерот Фаик Мефаилоски ја доби и наградата за најдобро актерско остварување на Македонското културно лето во Албанија.