1 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДоделени наградите за најдобрите филмови на деветтото издание на „МакеДокс“

Доделени наградите за најдобрите филмови на деветтото издание на „МакеДокс“

Со доделувањето на наградите за најдобрите филмови во пет категории синоќа заврши деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“ (Данска, 2017) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт. Комисијата во состав Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија образложи дека станува збор за филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око.

„Може да се каже дека речиси физички ги почувствувавме емоциите на Олег, 10-годишно момче од Украина, чиешто детство го носи товарот на насилниот и распламтен воен фронт во близина на неговиот дом. Следејќи го секојдневниот живот на Олег и неговата сакана баба се соочуваме со злоделото на уништување на правото на детство. Вестите никогаш не ја пренесуваат оваа страна на војната“, се вели во образложението на комисијата.

Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан, 2017) на Талал Дерки, со приказна за храбриот и силен портрет на едно семејство што живее во пекол и „Мажи играчи“ (Словенија, Хрватска, 2017) на Матјаж Иванишин.

Филм со најдобри етички идеи на деветтото издание на „МакеДокс“ е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017) на Авани Раи. Жирито во состав Пирко Саисио, Јасна Франговска и Исмет Рамиќевиќ образложи:

„Во силната конкуренција од 15 филма, ’Рагу Раи, неврамен портрет‘ на Авани Раи ја добива наградата за етички пристап поради – фасцинантната арт-филозофија што провејува низ целиот филм, поради топлината и хуманизмот во животната логика на главниот лик, индискиот фотограф Рагу Раи, и конечно – поради беспрекорната убавина на визуелниот јазик на филмот“.

Во категоријата Нови автори наградата „Млад кромид“ ја доби филмот „Фамилијата“ (Словенија, Австрија, 2017) на Рок Бичек. Наградата за најдобар краток документарец „Сецкан кромид“ ја доби „Луѓето од Недојдија“ (Сирија, Германија, 2018) на Хеба Калед. Во оваа категорија Специјално признание доби и филмот „Вај-Фај Плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017) на Адријан Келтерборн.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ (Русија, Гватемала, 2017) на Ренато Борајо Серано.

Наградените автори кои не можеа да присуствуваат на доделувањето на наградите своите пораки на благодарност ги испратија со видеообраќање, а во својот поздрав до публиката во Куршумли-ан, режисерот на најдобриот студентски филм, Ренато Борајо Серано рече дека наградата многу му значи, бидејќи филмот му е многу важен и со него, преку лична приказна, укажува на светскиот проблем со ксенофобијата и национализмот.

Годинава фестивалот „МакеДокс“ имаше рекордна посетеност, траеше најдолго од сите досегашни изданија (8 дена), прикажа 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, се одржаа три работилници и една панел-дискусија.

Фестивалските активности се случуваа во Куршумли-ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност, а земја во фокус на ова издание беше Полска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП