23 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСо полна пареа течат подготовките за 39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Со полна пареа течат подготовките за 39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“

Од 22 до 29 септември во Битола ќе се одржи 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Подготовките за фестивалот, како што соопштуваат организаторите, течат со полна пареа и веќе влегуваат во својата завршница.

И на овој фестивал публиката може да очекува исклучително квалитетна филмска програма и големи имиња на светската кинематографија, кои ќе бидат гости во Битола, додаваат оттаму.

Годинава зголемен е бројот на програми во вкупен број од 14 и проширен е кругот на селектори што ги обликуваат програмите – со Гена Теодосиевска, годинава во изборот на документарната програма соработуваше и Марија Џиџева, режисерите Даријан Пејовски и Марија Апчевска се селектори на кратките филмови кои се натпреваруваат за „Малата златна камера 300“, како и филмскиот критичар Слаѓан Пенев, кој ги селектира филмовите во програмата „Перспективи на европскиот филм“.

Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, додаваат организаторите. Оваа програма вклучува филмови од светската филмска антологија за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано.

Селектор на програмата е италијанскиот режисер кој живее во Битола, Микеле де Анџелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.

„Во главната програма, пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ги фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски – Доре. Оваа година особен акцент и фокус ќе биде ставен и на студентската програма што ја промовиравме последниве две години. Студентите веќе не служат само како декор на фестивалот, тие се активни учесници и имаат свое место во фестивалската програма. Годинава ќе имаме студенти од 15 филмски академии, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори кои со нив ќе ги споделат своите искуства. Оваа програма, на која инсистирав по моето назначување за уметнички директор пред две години, ја координира и ја развива Ѓорѓи Пулевски“, вели Гена Теодосиевска, директорка на Фестивалот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП