Кубанската група ЕКОС вчерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди незаборавна вечер со фламенго-танц. Концертот ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Во 1999 година група искусни танчери и музичари на фламенго-музика ја создаваат Фламенго компанијата ЕКОС. Основана е во рамките на Танцувачкиот центар во Хавана, Националниот совет за сценски уметности и Министерството за култура на Куба. Членовите на ЕКОС се танчери со неоспорлив талент и високо техничко ниво, кои се обучувани од најдобрите педагози, танчери, кубански кореографи и најголемите фламенго фигури во светот. Нивните изведби се во вид на т.н. „шоуа“ и досега се имаат појавено во најголемите театри во Хавана и воопшто во Куба, настапуваат и на фестивали, како и на голем број национални и интернационални случувања во земјата. Покрај тоа, се имаат претставено и на фестивали во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати и во Кувајт, а настапувале и во Турција.
Од 2009 година, основачите на ЕКОС – прима балерината, кореограф и уметнички директор Ана Роса Менесес и музичарот, пејач и музички директор Мигуел Чавез започнуваат проект во кој прават спој на јоруба-музиката, кантри-музиката и танцови елементи од популарната кубанска музика со разновидни фламенго жанрови. Овој проект веќе со години ja воодушевува публиката насекаде. Покрај изведувачката дејност, ЕКОС многу често одржува и курсеви и работилници со фламенго-школата во рамките на фламенго-клубот. Покрај кубанските популарни танци, на овие предавања слушателите имаат можност да учат и пеење, а се одржуваат и фламенго-конференции.