20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФинансиската полиција и Трудовата инспекција ќе го тресат МНТ, се бара трагата...

Финансиската полиција и Трудовата инспекција ќе го тресат МНТ, се бара трагата на 150.000 евра

Скандалозните констатации за сомнежи што упатуваат на злоупотреба на службената должност, ненаменско трошење на средства во висина најмалку од 150.000 евра, незаконска систематизација, состојби што ја зовреа атмосферата во најголемата театарска куќа МНТ, ќе ги расчистуваат надлежните институции. Управата за финасиска полиција спроведува истрага и интензивно работи на расчистување на финансискиот скандал.

Инсинуациите за незаконско работење со години се тема на разговор во театарските кругови и незадоволните од овој колектив, но никогаш досега никој од надлежните не презеде конкретни чекори за расчистување на сомнежите. Според Симона Угриновска, в.д. директор во МНТ, мора да се отворат картите и да се расчисти со манипулациите од минатото бидејќи повеќегодишното затајување довело до големо незадоволство кај вработените, а тоа секако се одразува на севкупната атмосфера во театарот.

„Не знам која е точната причина што со години се молчи за многу неправилности во театарот. По моето именување, заедно со Управниот одбор, се обидов да укажам до надлежните институции. Најпрвин затекнав долг од 150.000 евра и се обидуваме да го вратиме бидејќи сметката досега ќе беше блокирана. Кој и зошто ги потрошил овие средства, ќе треба да открие МВР. Втора и многу важна работа е чудната систематизација според која уметничкиот директор Дејан Пројковски е распределен на работно место со две решенија – режисер и директор. Направени се и несоодветни кадровски решенија, а вработените не биле воопшто известени. И за овие проблеми треба да интервенира Трудовата инспекција“, ни рече Угриновска.

Бавната постапка за преиспитување на состојбите, според Угриновска, се должи и на оптовареноста на инститициите од многуте случаи.

„По нашите пријави постапките се бавни затоа што можеби институциите се презафатени со расчистување поголеми криминали, но сепак не може да стане збор за големи или мали проневери. Во прашање се буџетски средства и нивната висина воопшто не е мала. Се надевам дека ќе има брзи реакции и ќе се постапи по пријавите. Еднаш ќе мора вистината да излезе на виделина и да не се остави простор за вакви манипулации во иднина – ни рече Угриновска.

Токму немиот став на институциите беше причина за оставката на режисерот Александар Поповски од местото претседател на Управниот одбор во МНТ. Револтиран од овие состојби тој пред две недели ја објави својата оставка.

Тогаш тој изјави дека и по цела една година од кога е формиран овој Управен одбор, сè уште нема ниту блага назнака тие да започнат да се занимаваат со проблемите што ја тресат оваа наша национална театарска куќа.

Исто толку време, според него, се чека на распишувањето конкурс за нов директор и за назначување нов уметнички раководител поради нејасниот статус на работното место на неговиот колега Дејан Пројковски, кој по поднесената оставка на местото директор, во систематизацијата на МНТ фигурира и како режисер и како уметнички директор. Згора на тоа, тука се и другите проблеми со вработувањата и уште многу други нелогичности, со што дополнително се парализира работата на МНТ.

Работата на Управниот одбор била отежната и од нерасчистена ситуација во однос на моментните финансиски обврски на театарот кон доставувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки, услуги и обврски за комуналии во периодот 2015-2017 година. Има основани сомненија дека ненамнески се потрошени 150.000 евра.

Ова сума била утврдена од правната служба на МНТ и од страна на независна ревизија, а по барање на Управниот одбор и сегашниот в.д. директор, Симона Угриновска. За ова биле известени Министерството за култура и службите на МВР.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП