Со поетско – музички хепенинг, денеска, во селото Црвена Вода, во историската Дебрца, завршува овогодинешната, традиционална, книжевната манифестација, „Струшки книжевни средби – 2018“.
Денешните случувања во Црвена Вода се посветени на бардот на македонската литература за деца и младинци, писателот и поет Ванчо Николески. Настанот го организираат мештаните од селото, по повод роденденот на Николески 10 јуни 1912 година, а живееше до 15 април 1980 година.
Ванчо Николески се смета за родоначалник на поезијата за деца, ненадминат и препознатлив по ненаметливите ритам и рима. Зад него стојат повеќе од триесет наслови – збирки на песни, поеми, романи. “Волшебното самарече” е само еден од нив.
Во спомен на својот славен соселанец, мештаните подготвија “Спомен соба на Ванчо Николекси” во училишната зграда каде завршил основно образование, како и табла-Спомен обележје на родната куќа.
Присутните на настанот ќе ги поздрави градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, додека споменичното обележје ќе го откријат претседателот на Собранието на ДПМ, професор Христо Петрески и поетот, член на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, Мајо Даниловиќ, кој истовремено го води Одделот за Балкан и словенскиот свет при Академијата, со седиште во Верона, Италија.
Во Црвена Вода, учесниците и присутните гости, ќе имаат можност да го погледаат изборот од вредните дела на реномирани ликовни уметници–учесници на Ликовната колонија “Дебрца”, мегу кои: Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски, Петар Мазев и многу други–нагласи Митаноски.
На самото место, на мини ”Ликовната колонија”, свои ликовни дела ќе создава познатото уметничко и брачно дуо: Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, единствени, како такви, на Балканот.
Поетите ќе читаат песни од своето творештво. Македонските и српските автори се членови на здружението „Бран“ од Струга и „Седумка“ од Франкфурт на Мајна – Германија, додека од Хрватска,се членови на “ХKД” од Задар и “Ритам мисли” од Вараждин.
Хрватските автори во Македонија доагаат во соорганизација на невладината асоцијација, “Хрватско-македонската Тагента”, а ќе ги поздрави членот на Тангентата амбасадорот Љупчо Арсовски.
Претходно, учесниците на „Струшките книжевни средби – 2018“, ќе одат во селото Белчишта, каде домаќин ќе им биде, градоначалникот Зоран Ногачески.
Покрај приемот, за учесниците е планирано разгледување на Ликовната галерија во село Белчишта, како и презентација на природниот резерват “Сини Вирој”.
Годинава на Книжевната манифестација „Струшки книжевни средби–2018“, има учесници од Македопнија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија, Германија и Словенија.