6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНаграда за претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во...

Награда за претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ во Нови Сад

Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“, во продукција на „Артопија“, ја доби наградата за „Исклучителна експресивност на границата помеѓу театарот и другите уметности или творештво во најширока смисла“, на фестивалот Инфант во Нови Сад, Србија.

Во образложението на жири-комисијата стои: „Да го поздравиш и да ми го бациш“ ни носи исклучителна експресивност на еден млад театар, чии актери со огромен ентузијазам, без цензура и на најсуров, искрен начин доловија современа, актуелна тема заснована на лични исповеди. Документарниот театар на трупата ‘Артопија’ преиспитува поетички и политички теми, како и ограничувањето да се биде млад глумец. Со бескраен ентузијазам, младите театарски автори ангажирано и директно говорат и ги истражуваат судирите со кои секојдневно се среќаваат веројатно сите творци, во сите уметности. Иако во режијата Билјана Радиноска користи минималистички мизансцен и сценска технологија, исклучително квалитетните актери Наташа Петровиќ, Симона Спировска Костовска, Ненад Митевски и Бојан Кирковски храбро доаѓаат до општото значење на темата и до успешно емотивно дејство на сцената.

Годинешново издание на интернационалниот фестивал на алтернативен и нов театар „Инфант“ (Нови Сад, Србија), беше 45. издание на фестивалот. Се одржа во периодот од 25 јуни до 2 јули, а публиката имаше можност да види одлично селектирана програма сочинета од 11 претстави, продуцирани во Шпанија, Русија, Србија, Унгарија, Словенија, Израел и Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП