28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПродажбата на Costa се намалува

Продажбата на Costa се намалува

Најголемиот британски синџир за кафе, „Costa“, забележа пад на продажбата од 2 отсто во првите три месеци од годината, објави „ВВС“.

Сепак, земајќи ги предвид новите претпријатија, продажбата во Велика Британија се зголеми за 5,2 отсто, рече компанијата мајка на „Costa“, „Whitbread“. Од „Whitbread“ објаснија уште дека се преземени првите чекори за да излезе синџирот за продажба на кафе од групата – чекор кој беше најавен уште во април.

Во почетокот на тргувањето на берзата во Лондон, акциите на „Whitbread“ се зголемија за 1%.

„Нашите продавници остануваат исклучително профитабилни и обезбедуваат одличен поврат на капиталот“, рече шефот на „Whitbread“, Алисон Бритон. Компанијата, исто така, објасни дека продажбата се намалува на традиционалните шопинг места, додека добар раст е забележан на туристичките локации.

На некои од најскапите улици во Велика Британија во последниве месеци има тенденција да се затвораат продавниците и рестораните. „Marks & Spencer“, „House of Fraser“, „Mothercare“, „New Look“, „Byron“, „Jamie’s Italian“ и „Prezzo“ – сите тие ги затвораат објектите, пишува „BBC“.

Од „Costa“ рекоа дека активно ја пренасочува нивната мрежа на места со голем проток на луѓе и погодни локации. Синџирот за кафе има 2.400 кафулиња во Велика Британија и 1.400 на странски пазари. „Costa Express“ има 8.237 вендинг машини ширум светот.

„Whitbread“ го купи „Costa“ во 1995-та година од страна на основачите на компанијата Серџо и Бруно Коста. Освен што е најголемиот синџир за кафе во Велика Британија, „Costa“ е и вториот сличен синџир во светот, а има намера да расте дополнително, обидувајќи се тројно да го зголеми присуството во Кина, каде што го зазема второто место по удел на пазарот по „Starbucks“.

Дополнителни информации за поделбата на „Costa“ од „Whitbread“ се очекува да бидат објавени во октомври.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП