25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Скопје стрит мјузик фестивал“ продолжува на Боемска улица, во парк и на...

„Скопје стрит мјузик фестивал“ продолжува на Боемска улица, во парк и на плоштад

Вториот ден од „Скопје стрит мјузик фестивал“, 22 јуни, понуди една сосем нова приказна за посетителите. На три локации во градот се изведуваше музика од различен жанр. Музичкото патување го започна перкусионистот Антоние Весковски со својот вибрафон, во паркот со авиончето во Аеродром.

Со својата изведба, карактеристична по високата музикалност, која се чувствува во динамичките фразирања во секоја композиција, соодветната промена на карактерот која беспрекорно ја доловува како реализација на замислата на авторот, Елена Чадиковска музицираше на ксилофон, придружувана од Бојан Гичев, на гитара.

Четирите девојки од гудачкиот квартет- мали камерни состави на Пламенка Трајковска, на платото пред Универзална сала, им понудија на посетителите една поинаква изведба на музиката од „Лебедово Езеро“, „Четири годишни времиња“, па се до „Хепи“. По нив настапи рок бендот „BandOFF“, кои изведоа преработки на најголемите рок хитови.

Членовите на „Ani Kinor Quartet“, на плоштадот Скендер- бег се претставија со дел од својата програма од сефардска музика, која многу ретко може да се слушне кај нас. Програмата од вториот ден на фестивалот ја затвори Тони Пецанов, со својот бандонеон, оставајќи ја публиката со силни позитивни вибрации.

„Скопје стрит мјузик фестивал“ продолжува и денес во Градски парк, на плоштад Македонија и на Боемска улица. Настапуваат: Дуња Иванова, Pezzanov Piazzolla Project, Пеперминт, Fighting Windmills, Bojana Fabel Jazz Trio и Next to silence.

Ко-организатор на фестивалот е Конгресен центар Александар Македонски, а покровител е Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП