29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнува „Скопје стрит мјузик фестивал“ – четири дена музика под отворено небо

Почнува „Скопје стрит мјузик фестивал“ – четири дена музика под отворено небо

Од денеска до недела на седум локации во Скопје ќе се случува „Скопје стрит мјузик фестивал“, на кој ќе настапат 25 солисти, групи и ансамбли во живо, на отворен простор. „Кабадајас“, „Вај нот“, женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, Антоние Весковски, Елена Чадиковска, „Боса Ун Дер Ковер“, „Пеперминт“ и други ќе изведуваат авторска музика, но и преработки на познати песни.

За време на фестивалот посетителите ќе може да слушнат рокенрол, џез, боса нова, етно, класична и филмска музика. Покрај тоа, ќе настапат и специфични состави со француски шансони, еврејска музика и хорско пеење. На отворен простор, освен на стандардните инструменти, ќе се музицира и на ксилофон, вибрафон, акустично пијано, бандонеон, кои ретко може да се видат надвор од концертните сали.

За Дуња Иванова, наша позната пијанистка со светска слава, поставувањето акустичен инструмент на нестандардна локација е привлечно за минувачите, а предизвик за изведувачот. Во рамките на нејзиниот настап во Градскиот парк на акустично пијано таа ќе изведе филмска музика.

Локациите на кои ќе се одржува фестивалот се: плоштадот Македонија, Градскиот парк, ТЦ „Лептокарија“, Паркот на авиончето во Аеродром, плоштадот Скендербег, платото пред Универзалната сала и Боемската улица. Настапите ќе започнуваат во три термини: од 18, 20 и од 22 часот. Отворањето на фестивалот е вечерва во 19 часот на плоштадот Македонија, а на последниот ден настапите ќе почнат во 12 часот.

Коорганизатор на фестивалот е Конгресниот центар „Александар Македонски“, а покровител е Град Скопје. Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.skopjestreetmusicfestival.com.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП