25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнува фестивалот на комедијата „Гола месечина“, седум претстави од Македонија, БиХ и...

Почнува фестивалот на комедијата „Гола месечина“, седум претстави од Македонија, БиХ и од Србија

Со урнебесната повеќенаградувана босанска претстава „Једваносимсобоакамоломистобо“ од Нејра Бабиќ и Алеш Курт, вечерва на сцената на Театар „Комедија“ ќе биде отворен меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“. Фестивалот традиционално се одржува на отворена сцена во спортскиот центар „Ново Лисиче“, но поради временските услови, отворањето е поместено на сценатата на театарот.

Во наредните денови до 24 јуни ќе бидат изведени седум претстави, од кои 4 од Македонија и 3 од Босна и Херцеговина и Србија. Организаторите на фестивалот најавуваат дека секојдневно ќе известуваат во зависност од временските услови дали публиката ќе може да ги гледа претставите во Театар „Комедија“ или во спорсткиот центар.

Овој фестивал традиционално се одржува во соработка со Општина Аеродром, која годинава издвои еден милион денари за негова поддршка. Градоначалникот Златко Марин на денешната прес-конференција изјави дека ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена.

„Фестивалот ‘Гола месечина’ игра важна улога во развојот на културниот живот во општина Аеродром. Ги поканувам сите граѓани вечерва заедно да го отвориме фестивалот и да ја проследиме годинашната програма. Влезот за сите претстави ќе биде бесплатен, а фестивалот ќе има натпреварувачки карактер, со тричлено жири“, изјави Марин.

Претставите ќе се играат секој ден од 21 часот. Покрај претставата за отворањето, публиката следниве денови ќе има можност да ги гледа „Синиот портокал“ од Џо Пенхол на тетарот „Џинот“ од Велес, „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушиќ на Народниот театар од Ниш, Србија, „Умри машки“ на Народниот театар од Штип, „Кидај из моје кухиње“ на шабачкиот театар од Србија, „Дванаесеттата ноќ спроти Водици“ на Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица и „Тоби“ (претстава за деца) на Театарот за деца и младинци од Скопје. По оваа претстава, ќе следува и стендап-комедија со Марјан Ѓорѓиевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП