8 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПопуларниот амстердамски бенд My baby на „Д фестивал“

Популарниот амстердамски бенд My baby на „Д фестивал“

Атрактивното психоделично-шаманско трио My baby е најновото име што го потврди своето учество на „Д фестивал“.

Стационирани во Амстердам, им беа потребни само три години за да го привлечат вниманието на светската критика, фестивалите и публиката. Денеска нивните настапи во живо се омилени на фестивалските бини во Европа за што сведочат дури шест настапи на гигантскиот „Гластонбери“ и исто толку номинации и награди за најдобар албум и најдобар изведувач во живо.

Сепак, нивниот експресен успех не е случаен. Братско-сестринскиот тандем Шеик ван Дајк (тапани) и Като ван Дајк (вокали) и новозеландскиот гитарист Даниел Џонстон – Да Фриз работеа интензивно и прекувремено да ја достигнат проектираната замисла за креирање возбудлив звук составен од мочуришни блуз и фанки-влијанија, хипнотички битови, треперливи соул-вокали и психоделични гитарски рифови.

Претставувајќи го материјалот од своите 3 албуми (Loves Voodoo!, Shamanaid и Prehistoric Rhythm), концертите на My baby стекнаа репутација на вистински моќно вуду транс-искуство кое го искуси публиката во Европа, Азија, Нов Зеланд, Австралија и во САД. Нивната оригиналната уметничка визија, во која се проникнуваат влијанијата на духовната музика (госпел и вуду-обредите) и шаманските ритуали, најдобро може да се почувствува во живо за што сведочат многуте суперлативи искажани во рецензиите и извештаите за нивните настапи на најпрестижните светски фестивалски и концертни подиуми. Ова лето на 8 јули на главната бина на „Д фестивал“ македонската публика ќе има премиерна шанса да провери зошто музичките професионалци и публиката ги сметаат членовите на My baby за фестивалски must see.

Годинашниот „Д фестивал“ ќе се одржува од 6 до 8 јули во Дојран. Музичката програма веќе брои повеќе од 40 учесници, а листата продолжува секојдневно да се надополнува. Но, тридневниот музички маратон не е единствениот дел од овој уникатен настан, па за време на фестивалот публиката во Дојран ќе има привилегија да биде дел и од раскошната културно-уметничка програма која се одвива на повеќе од 10 фестивалски зони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП