29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„За животните и луѓето“ во Музејот на Македонија

„За животните и луѓето“ во Музејот на Македонија

Вечерва со почеток во 19 часот во Музејот на Македонија свечено ќе се отвори изложбата на Етнографскиот музеј од Загреб „ За животните и луѓето“, што ќе трае до 7 септември.

Изложбата е на Етнографскиот музеј од Загреб, а научно и стручно ја тематизира интеракцијата на животинскиот свет со човекот во културолошка и општествена смисла.

Авторскиот тим на изложбата преку изложените музејски експонати, текстови, фотографии и документарни филмови ни ја претставува слоевитоста на меѓусебните односи помеѓу луѓето и животните и ги следи промените на овие односи со текот на времето и на глобално и на локално ниво во руралните и урбаните средини. Со промените во начинот на стопанисување, како и со технолошкиот развиток се менува и односот кон сите форми на животинскиот свет со кој човекот го дели животниот простор. Опстанокот на загрозените животински видови е поврзан и со опстанокот на луѓето, а воедно се отвораат и чувствителните прашања на хуманиот однос кон животните.

Изложбата е поделена на неколку тематски целини: антропологија на животните, животните во стопанските дејности, домашни миленици, анимализмот во хрватскиот ликовен фолклор и религијата и животните. На иновативен начин се прикажани промените во опкружувањето на човекот и соживотот со другите суштества, промовирајќи ги клучните вредности како што се толеранцијата, емпатијата, правата на другите и хуманиот карактер на просторот во кој човекот мора да опстојува во рамнотежа со другите суштества во еколошки сочуваниот простор за така да може да ја обезбеди и својата иднина.

Изложбата „За животните и луѓето“, освен стручната јавност и луѓето професионално ангажирани околу животните, ќе биде исклучително интересна и за пошироката публика и ќе го задоволи љубопитството на децата и возрасните, ќе понуди информации за љубителите на животни и борците за заштита на правата на животните и ќе нè поттикне да ја сфатиме важноста на заемната зависност помеѓу луѓето и животните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП