26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНајголемата банка во еврозоната со револуционерен „блокчејн“ потег

Најголемата банка во еврозоната со револуционерен „блокчејн“ потег

Најголемата банка во еврозоната по големина на пазарната капитализација стана првата компанија во светот која се залага за „блокчејн“ технологијата за спроведување на своето годишно генерално собрание на акционерите.

Шпанската банка „Santander“ и технолошката компанија „Broadridge Financial Solutions“ одржаа тест за време на годишната средба на акционерите, одржана во месец март, пренесува „Financial Times“.

Гласањето во рамките на Генералното собрание се одржа на традиционален начин со таа разлика што беше користена „блокчејн“ технологијата – огромна онлајн јавна сметководствена книга – за создавање на секундарен регистар.

Банката коментираше дека овој потег ќе помогне за подобрување на корпоративната демократија. Во денешно време често се случува инвеститори да треба да гласаат две недели пред одржување на годишното генерално собрание, за да има време гласовите да бидат изброени.

Овој процес доби бројни критики, а некои луѓе тврдат дека гласовите редовно се губат, а инвеститорите имаат тешкотии да гласаат кога се наоѓаат надвор од домашниот пазар.

„Santander“ наведува дека „блокчејн“ технологијата ќе го забрза процесот на годишните состаноци, така што ќе ги направи поудобни за инвеститорите кои учествуваат.

Серхио Гамез, шефот за Односи со инвеститори и акционери во „Santander“, вели дека годишната средба е „еден од најважните корпоративни настани“ за јавните претпријатија.

„Во случајот на „Santander“, која има многу фрагментиран капитал, е важно да се обезбеди учество на инвеститорите и акционерите. Оваа година користењето на „блокчејн“ технологијата за институционалното гласање беше од голема помош од гледна точка на транспарентност и флексибилност“, вели тој.

Банката има над 4 милиони акционери, а 60.7% од акциите се во рацете на институционални инвеститори. Во тестовите на „блокчејн“ гласањето, кое беше спроведено во колаборација со „JPMorgan“ и „Northern Trust“ како банки-старателстели, учествуваа 21% од присутните на годишната средба.

„Блокчејн“ технологијата ја претставува инфраструктурата зад криптовалутите. Иновацијата го привлекува вниманието на бројни финансиски институции во светот поради своите својства да пренесува вредности брзо и транспарентно.

„Santander“ е една од најактивните банки во оваа област. Во минатиот месец институцијата пушти систем за прекугранични плаќања, базирана на „блокчејн“ технологија, а освен тоа веќе има удел во „Ripple“ и „Digital Asset Holdings“.

Во минатиот месец шпанскиот конкурент „BBVA“ станаа првата меѓународна банка која даде кредит, користејќи ја технологијата, додека британската „HSBC“ успешно ја воспостави оваа недела првата во светот на трговско-финансиска трансакција, користејќи „блокчејн“.

И покрај големиот интерес и неколкуте успешни тестови, некои финансиски групи остануваат скептични во однос на потенцијалот на „блокчејн“ технологијата да стане масовна алатка.

Во оваа година научниците од универзитетите во Тилбург и Гент изјавија дека технологијата може да предложи „паметни решенија за класичната неефикасност на полето на корпоративното управување“, наведувајќи дека тоа може да ги намали трошоците, како за акционерите, така и за самите компании во резултат на модернизација на годишните состаноци.

„„Блокчејн“ може да ги намали трошоците за организација за компаниите и да се зголеми брзината на одлуки“, пишуваат научниците.

Џастин Чепмен, глобален раководител на Иновации и студии во „Northern Trust“, коментира дека еден од клиентите на банката зел учество во пилот проектот на „Santander“.

„Ние сме возбудени за следната фаза на создавање на целосна транспарентност во гласањето со помош на „блокчејн“ технологијата“, вели тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП