26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Филмски град“ – втора книга на авторот Игор Анѓелков која ја третира...

„Филмски град“ – втора книга на авторот Игор Анѓелков која ја третира седмата уметност

Деновиве од печат излезе новата книга на Игор Анѓелков насловена „Филмски град“, како 13 издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа.

По првата негова книга која ја третира седмата уметност, „Филм.мкд“ од 2015 година, за која ја доби и Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, во „Филмски град“ авторот во воведното поглавје продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години, но концептот оди понатаму и во следните осум поглавја, Анѓелков пишува за балканскиот, европскиот и светскиот филм, но низ есеистички текстови тој ги обработува и тематските филмови и класиците, за на крајот да ни подари шест текстови во кои комплетно ги обработува филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти, велат од издавачот „Или-или“.

Оттаму додаваат дека во години кога филмската литература речиси и да ја нема, книгите на Анѓелков се вистинско освежување и одлично го надополнуваат недостатокот на филмска литература од домашни автори кај нас. Дизајнот на корицата е на Бојан Ивановиќ од „Бригада.мк“, а излегувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, како автор на филмската радио-емисија „REDRUM“ на Канал 103, а веројатно е најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма, кој во етерот се емитуваше единаесет години (2003-2014).

Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“, „Филозофски филмски фестивал“… Од оваа година е селектор на филмовите во официјалната програма на филмскиот фестивал „Киненова“. Освен „Филмски град“ и „Филм.мкд“, Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП