17 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИSprint конечно направи профит на SoftBank

Sprint конечно направи профит на SoftBank

Профитот на „SoftBank Group“ за четвртото фискално тримесечје ги надмина прогнозите на аналитичарите благодарение на првата годишна нето добивка на „Sprint“ по повеќе од деценија. Американската единица планира да се спои со својот ривал „T-Mobile US“, потсетува „Bloomberg“.

Јапонскиот телекомуникациски провајдер и технолошки инвеститор изјави дека оперативниот профит достигна 155 милијарди јени (1,4 милијарди долари) за трите месеци кои завршиле во март. Сумата е над просечната прогноза на аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“, кој очекуваше 137,4 милијарди јени. Приходите вредат 2,35 илјади милијарди јени.

Резултатите сепак беа засенети од продажбата на „Sprint“, договор кој основачот на „SoftBank“ Масајоши Сон гони со години. Во април „T-Mobile“ објави дека ќе го купи својот помал конкурент за 26,5 милијарди долари во акции, но спојувањето најверојатно ќе се соочи со проблеми од страна на регулаторите. „SoftBank“ исто така планира примарна јавна понуда на својот телекомуникациски бизнис на домашниот пазар, бидејќи Сон го пренасочи својот фокус кон долгорочните планови и инвестиции на „SoftBank“ кон странски технолошки компании.

Минатата година тој го создаде „Vision Fund“, кој привлече повеќе од 90 милијарди долари од главните играчи, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и „Apple“.

„Инвеститорите сакаат да слушнат од Сон две нешта прво: што ќе се случи со „Sprint“ и што планира за инвестицискиот фонд“, коментира Томоаки Кавасаки, аналитичар во „Iwai Cosmo Securities“. „Инвеститорите очекуваат договор за „Sprint“ за подобрување на финансиските перформанси на „SoftBank“, но тие сакаат да го слушнат тоа од Сон“, додава Кавасаки.

Главниот извршен директор на „Sprint“, Марсело Клори успеа да се справи со одливот на клиенти и да ги намали трошоците на операторот, откако Сон му довери обновување на бизнисот. „Sprint“ додаде 39.000 претплатници на безжични услуги во текот на фискалниот четврт квартал, во споредба со 118.000 од претходната година. Компанијата забележа нето добивка за кварталот во износ од 69 милиони долари, додека аналитичарите прогнозираа просечна нето загуба од 349 милиони долари. Клори ќе ја преземе функцијата главен оперативен директор на „SoftBank“ и ќе стане главен извршен директор на „SoftBank Group International“. Ова се очекува да се случи пред крајот на овој месец.

Приходите од внатрешни телекомуникациски операции кои вклучуваат широкопојасен интернет, безжични и фиксни услуги, во голема мера се без промена во однос на минатогодишните 3,23 илјади милиајрди јени. Добивката се намали за 2,6 отсто на 1,18 илјади милијарди јени, откако компанијата нуди попусти за привлекување на потрошувачите и повеќе инвестира во подобрување на квалитетот на мрежата. „SoftBank“, која има 33 милиони мобилни претплатници, вели дека нејзината заработувачка и профит ќе се зголемат во текот на фискалната година.

„Vision Fund“ придонесе за 303 милијарди јени кон профит за годината што заврши во март, соопшти компанијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП