27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРетроспективна изложба на Митко Куновски во галеријата на НЛБ

Ретроспективна изложба на Митко Куновски во галеријата на НЛБ

Утре, 4 мај 2018 година, со почеток од 20 часот, во галеријата на НЛБ ќе биде отворена ретроспективната ликовна изложба на Митко Куновски.

Куновски е автор на неколку самостојни изложби, а како долгогодишен член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија учествува на речиси сите изложби во организација на ДЛУМ. Со три самостојни изложби во странство и учество на изложби во Париз и Софија, како дел од составот на македонските уметници, го остава својот печат и на меѓународната уметничка сцена. 2002 година во издание на „Наша книга“ од Скопје издадени се шест дела – сликовници по Марко Цепенков, со потпис на Митко Куновски, со кои добива прва награда на Саемот за книгата во Скопје. Митко Куновски се јавува и како автор на серии цртани емисии за деца, кои се редовно емитувани на Македонската телевизија.

Д-р Васил Тоциновски вели: Авторот се пресоздава себеси во творештвото. Застанати пред сликите на Митко Куновски, пред неговите естетски вредности, се откриваат чудесните мигови на осама и копнеж, спокојство и исчекување. Дарбата на уметникот едноставно и мудро ги раздиплува тие мигови како магија од човековата опстојба. Жената како субјект и како возвишено битие е во стожерот, најчесто во големиот формат на сликата. Тој како симбол и метафора на недогледните и недофатени пространства на светот и на животот ја спротивставува жената – човекот како нивна мисла и смисла. Внатрешниот свет од мекоста и мирот, кои постојано зрачат и значат од душата и срцето, несетно се претопуваат и се изедначуваат со огромноста на просторот како нивна позлатена рамка. Во тие димензии Митко Куновски во тековите и резултатите на современото македонско сликарство еве и сега се потврдува со сопствениот сликарски ракопис и свет и низ нашата радост на нивното постојано, би рекле неуморно естетско надраснување.

Секоја слика на Митко Куновски е посебна приказна. Магијата на жената, светлината, светот и животот се искажуваат со раскошот на боите низ една смирена димензија, стишана импресија, која го создава единството меѓу внатрешното и надворешното, меѓу личното и општото. Само навидум миговите на тага и исчекување веднаш упатуваат кон добрината, љубовта, разбирањето, довербата, кон древната поука за вредноста на еднаш и кратко дадениот човечки живот. Во катадневието на овој испревртен и жесток живот, Куновски и неговите прекрасни уметнички дела не се само опомена за враќање кон вистинскиот живот и кон човекот, туку и повик низ личниот пример за само таквата наша опстојба. Застанати пред платната на Митко Куновски и негледајќи го потписот на авторската идентификација, точно знаеме дека тоа е само тој, та со љубов како негово врвно творечко начело прошепнуваме да му се златат уште многу години среќа и творештво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП