25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПроектот за „Скопје 2014“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале за...

Проектот за „Скопје 2014“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале за архитектура

Годинешното Архитектонско биенале во Венеција поставено од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара се темели на темата за слободата и нејзината вредност во современиот дискурс на архитектурата. Во рамките на оваа манифестација Република Македонија учествува со проектот што ја проширува основната зададена тема и е со наслов Freeingspace, односно „Ослободување на просторот“.

Како што информираат од Музејот на современата уметност (МСУ), преку прецизен избор на неколку клучни сегменти од проектот „Скопје 2014“ и деконструкција на нивната појмовна матрица тие со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) на концептуално ниво се репроектираат со прецизни архитектонски замисли – преточени во четири проекти на четири тима млади архитекти во коавторство со кураторите.

Со проектот се обработуваат четири локации (платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на Владата на РМ, поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на „Мепсо“ и стоковната куќа на плоштадот Македонија), при што секој аспект одделно развива свои дистинктивни проектански концепти, методи и алатки, но сите истовремено ја следат генералната задача за воспоставување директна релација со отворениот и јавен карактер на просторот обединувајќи ги вредноста и значењето на јавниот објект и јавниот заеднички простор.

Изложбата, како и целокупниот проект „Ослободување на просторот“ (Freeingspace), претставува спој на разни концептуални, социјални и симболички гледања на градскиот простор.

Автори на проектот се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска, која заедно со Слободан Велевски е и куратор на проектот.

Поставката на македонскиот павилјон во Венеција оваа година се состои од пет фрагменти: покрај информативниот, ќе има и по еден специфично поставен и конструиран за секој од четирите разгледувани и преработени архитектонски простори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП