20 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Бикини Мун“ на Манчевски почнува турнеја низ Македонија

„Бикини Мун“ на Манчевски почнува турнеја низ Македонија

Со проекциите во Штип на 20 и 25 април почнува турнејата со киноприкажување во Македонија на „Бикини Мун“, петтиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот ќе игра во дваесетина градови во земјава, меѓу кои и Кочани, Македонски Брод, Крива Паланка, Кичево, Свети Николе, Велес, Гостивар, Прилеп, Куманово.

„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, е снимен во Њујорк, македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – беше поздравен со френетичен аплауз, социјалните мрежи не престануваат да зборуваат за филмот, а од 4 април игра и во Битола.

Изминатава недела филмот играше на еден од најреномираните фестивали за авторски филм во САД во Сарасота, каде што беше преставен со најавата: „…’Бикини’ е толку многу нешта завиткани во еден златен рудник за теми: мудра жена, диво дете, необуздан слободен дух, воена ветеранка, сексуално авантуристички мајсторски манипулатор… ‘Бикини’ е вистинско отелотворение на енигмата“.

Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и во Македонија го нарекува филмот: „Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува маните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот што ‘Обликот на водата’ сакаше да биде, ама не знаеше како“.
„Бикини Мун“ ја имаше светската премиера во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, а следуваат Нешвил, Менхетн, Шангај и други.

Приказната на филмот – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

Главна херојка е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствени Македонци во филмската екипа, покрај режисерот, се композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на специјалните ефекти, Мишо Ристов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП