26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Сè што ни е заедничко“ - Mеѓународна изложба во Музејот на современа...

„Сè што ни е заедничко“ – Mеѓународна изложба во Музејот на современа уметност

Во Музејот на современата уметност – Скопје во среда (18 април) ќе биде отворена меѓународната изложба насловена „Сè што ни е заедничко“.

Изложбата ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост. Во состојби на нестабилност, одредени популации и групи, страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди.

Доколку општата несигурност го означува она што сите ние го споделуваме, но, исто така, она што нѐ разликува и нè одвојува од останатите, дали можеме да пронајдеме практики што се насочени кон заедничко добро или да изградиме наша заедничка акција? Следствено, се поставува прашањето за можноста овие дисперзирани неспокојни субјективитети да дејствуваат заеднички.

Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство.

Куратори на изложбата која ќе биде свечено отворена во 20 часот се Мира Гаќина и Јованка Попова.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП