23 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАКонференција на министрите за култура на ЈИЕ – во фокус заштитата на...

Конференција на министрите за култура на ЈИЕ – во фокус заштитата на културното наследство

На Четвртата конференција на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE), која заврши денеска во Сараево, БиХ, македонската делегација предводена од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, оствари и неколку важни средби, во чиј фокус беше заштитата на културното наследство и унапредувањето на соработката со УНЕСКО, а на кои се договорија конкретни идни чекори и активности.

На маргините на Конференцијата, Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (CoMoCoSEE) што во изминатите два дена се одржуваше во Сараево, БиХ, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, оствари и неколку значајни средби со своите колеги и со претставници на меѓународни организации, во чиј фокус беа конкретни чекори за унапредување во областа на заштитата на културното наследство.

Алаѓозовски оствари средба со раководителот – шефот на Антена канцеларијата во Сараево на Регионалниот центар за ЈИЕ за наука и култура на УНЕСКО од Венеција, Синиша Шешум. На средбата се договорија следните активности, кои претстојат во рамки на спроведувањето на Акцискиот план за постапување по одлуката која се однесува на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, донесен на 41 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска, во 2017 година.

На средбата се дефинираа насоките за ревидирање и деблокирање на средствата наменети за функционирањето на Регионалниот центар за дигитализација на УНЕСКО во земјава, со цел да се овозможи негова целосна функционалност согласно со стандардите на другите канцеларии на УНЕСКО во регионот. Освен тоа, министерот за култура го потврди интересот за вклучување на Република Македонија во проектот „Индикатори за културен развој (ЦДИС)“, кој има за цел преку статистика и анализа на конкретни индикатори да ја потврди улогата на културата како значаен фактор за одржлив развој. За овој проект ќе се обезбеди експертиза и финансиска поддршка од страна на УНЕСКО. На средбата беа договорени и активностите во областа на нематеријалното културно наследство, кои треба да са реализираат во втората половина на 2018 година.

На средбата со заменик-министерот за култура на Турција, Хусеин Јаман, се разговараше за соработката помеѓу двете земји, особено во сферата на заштитата на културното наследство, при што двајцата соговорници изразија задоволство од зголемената културна соработка. Разговарајќи за регионите заштитени од УНЕСКО, заменик-министерот Јаман упати отворена покана до министерот Алаѓозовски за посета на Кападохија, како една од културните знаменитости кои се наоѓаат на листата на УНЕСКО.

Министерот Алаѓозовски оствари средба и со министерката за култура на Република Грција, Лидија Кониорду, на која разговараа за идејата да се предложи регионот на Преспа и Преспанското Езеро да се прогласи како културно и природно наследство на листата на УНЕСКО. Грчката министерка ги потврди уникатните знаменитости на овој регион и изрази подготвеност да учествува во процесот на изработка на заедничко досие. Двајцата министри констатираа дека и Република Албанија треба да се вклучи во апликацијата.

На Четвртата конференцијата Советот на министри за култура на Југоисточна Европа во Сараево учествуваа делегации и министри од 12 земји членки од регионот. Се усвои Декларација за зајакнување на регионалната соработка. Алаѓозовски пред своите колеги предложи подиректно вклучување на културата во Берлинскиот процес и формирање структура за поддршка, односно регионален фонд, по примерот на Нордискиот совет на министри, или Вишеградскиот фонд, што ќе овозможи постојана и стратешка поддршка, создавање нови, подлабоки културни вредности, покомплексни нови уметнички и културни производи и подобар пробив на културните пазари.

Со овој настан заврши претседателствувањето на БиХ со Советот, а претседателствувањето во наредниот мандат го презема Бугарија. Бугарскиот министер за култура, Боил Банов, истакна дека во наредната година Бугарија ќе се посвети на зајакнувањето на оваа платформа како политички инструмент за напредок на интегритетот на регионот, имајќи го предвид заедничкото културно наследство. Тој додаде дека за време на претседателствувањето на Бугарија ќе се разгледа можноста за подготовка и усвојување на стратегија за развој на регионот на ЈИЕ во контекст на културните ресурси и наследство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП