
Најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, од утре (4 април) ќе почне да се прикажува во 3Д Кино Битола. Инаку, овој филм ќе доживее проекции и во другите градови низ републиката.


Најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, од утре (4 април) ќе почне да се прикажува во 3Д Кино Битола. Инаку, овој филм ќе доживее проекции и во другите градови низ републиката.
„Бикини Мун“ е американски филм на Манчевски, сниман на локации во Њујорк. Приказната е психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.
Главна хероина е повратничката од војната во Ирак и е харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување водат до работ на вистината, и често гледачите не се сигурни што е вистина, а што фантазија.
Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот, е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.
Филмот ја имаше македонската премиера во Скопје пред десетина дена и наиде на исклучително позитивен прием. Истиот и понатаму е на репертоарот на кино „Милениум“ во Скопје.