26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПристигна новото концертно пијано во Филхармонија

Пристигна новото концертно пијано во Филхармонија

Ново концертно пијано „Стенвеј“ пристигна во Македонската филхармонија. Инструментот е донација од градежната компанија „Штрабаг“ и вреди речиси 160.000 евра.

Македонската филхармонија пред оваа донација поседуваше само едно концертно пијано, исто така „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното „ПТТ Македонија“ како донација.

„Во изминатите месеци интензивно контактиравме барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој, освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’, на обострано задоволство, договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета врз буџетот на граѓаните. Македонската филхармонија и овој репрезентативен објект добиваат инструмент достоен на нивото и очекувањата“, истакна министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

Инаку, освен оваа донација, компанијата во текот на годинава ќе обезбеди и гостување на австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018, со изведба на грандиозната Бетовенова Деветта.

„Концертното пијано официјалната промоција ќе ја има на 10 мај со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин“, истакна директорот на МФ, Виктор Илиески.

„Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани што заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто“, рече Илиески.

Горанчо Аговски од „Штрабаг“ изрази надеж дека со донацијата, компанија ќе прерасне во позитивен пример и за другите.

„Чест ми е што во името на компанијата го пренесувам огромното задоволство што со ваков чин, донација на концертно пијано, ја завршуваме нашата приказна, нашиот успешен проект за Македонската филхармонија“, рече Горанчо Аговски од „Штрабаг“.

По пресот, концертното пијано беше презентирано од страна на македонскиот млад и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП