30 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПролетно издание на филмскиот фестивал за музички документарци „Скопје синема сити“

Пролетно издание на филмскиот фестивал за музички документарци „Скопје синема сити“

Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе го организира своето Пролетно издание на 20 и 21 април во Кинотеката на Македонија.

Како што информираат организаторите, пролетното издание е дел од четирите филмски настани што се планирани да се случат годинава во разни периоди, наречени „Четири годишни времиња“. На програмата ќе се најдат четири документарни филмови од домашна и странска продукција.

В петок (20 април) во 20 часот ќе биде прикажан „Џеф Бакли: Сите тука те посакуваат“, а од 21.30 часот скопската публика ќе може да го проследи „1959 – годината што го промени џезот“. „Сите тука те посакуваат“ е филм снимен за да се одбележи годишнината од раната смрт на пејачот Џеф Бакли, кој на 30години се удавил во реката Мисисипи. Преку извадоци од интервјуа, ретки снимки и интервјуа со соговорници, како Џими Пејџ, Пети Смит, Криси Хајнд, многубројни фанови и соработници, се реконструираат животот и достигнувањата на овој музичар. Вториот филм, како што кажува и самиот наслов, е посветен на 1959 – годината кога почнале да се случуваат сеизмички промени во џез-музиката кога неколку музичари скршнале од тогашната форма на би-бапот кон неистражените предели што им овозможиле голема слобода да истражуваат и да се изразуваат.

В сабота (21 април) исто така ќе бидат прикажани два филма во истите термини, односно од 20 и 21.30 часот. Првиот е „Телма докубенд: Суперхикс“, во режија на Јордан Дуков. Станува збор за документарец за македонскиот бенд „Суперхикс“ во кој Петар Младеновски ја раскажува приказната за музичката група од нејзините скромни почетоци, па сè до денес, со сите свои успеси. За оваа проекција влезот ќе биде слободен.

Вториот филм во саботниот репертоар ќе биде „Девојката од Ипанема: Бразил, боса нова и плажата“. „Девојката од Ипанема“ е песна напишана во 1962 година од страна на Антонио Карлос Жобим, со стихови од Винисиус де Мораиш, а подоцна преведена на англиски од Норман Гимбел. Таа доловува еден момент кога Бразил го шармирал светот со опуштена песна за жена што ги маѓепсала и опседнала авторите. Филмот „Девојката од Ипанема“ е прекрасно музичко патување низ Бразил, неговите плажи, прекрасните планини и клубовите во Рио, во придружба на Кејти Дерхам, која се сретнува со клучните музичари и архитекти на боса новата. Преку средби и сведоштва и интимни настапи таа ја раскажува приказната зад најпознатата и најуспешна песна што излегла од Бразил.

Картите за филмовите што ќе се прикажуваат на пролетното издание на „Скопје синема сити“ може да се набават во билетарницата на Кинотеката на Македонија по цена од 100 денари. Ова не се однесува на документарецот за „Суперхикс“, кој има слободен влез. Резервации може да се направат од 16 до 19 часот на телефонскиот број на Кинотеката: 02/306-5968.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП