Во Друштвото на писателите на Македонија в четврток (29 март) ќе биде промовирана новата стихозбирка на руската и македонска поетеса, сликарска и преведувачка Олга Панкина, објавена под наслов „Плисок“.
На промоцијата, која ќе почне во 12 часот, за поезијата на Олга Панкина ќе зборуваат Соња Стојменска Елзесер и Ефтим Клетников, а стиховите ќе ги говори Александра Велинова.
На македонските читатели Олга Панкина до сега им е позната со поетските книги „Предзимје“ и „Паралелни светови“. Таа е автор на проектот „Библиотека на литературата на Македонија“ во чии рамки ги приреди и ги преведе на руски јазик антологиите „Македонски раскази“, „Современа македонска драма“ и „Современа македонска поезија“.
Иницијатор е на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“ што од 2014 година се реализира во Москва. Автор е и на преводи на руски јазик на 60 книги од македонски писатели.