2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Вечерите на женските права“ беа одбележани со филм, дискусија и музика

„Вечерите на женските права“ беа одбележани со филм, дискусија и музика

Синоќа, во киното „Фросина” во МКЦ, по повод меѓународниот Ден на жената, 8 Март, по деветти пат се одржаа „Вечерите на женски права“ под мотото „Сега е моментот – сите за родова еднаквост!“

На самиот почеток публиката ја поздравија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој истакна дека борбата за родова рамноправност е „секојдневна битка, битка што секој од нас мора секојдневно да ја води”, и Доминика Стојаноска, раководителка на канцеларијата на телото на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените (ОН жени) во Скопје, која потсети дека го одбележуваме 8 Март за да им оддадеме признание и поддршка на сите активисти и активистки коишто неуморно и секојдневно се борат да ја искоренат дискриминацијата, исклученоста и неправдата.

По проекцијата на шпанскиот документарен филм „Граници и ветувања“, своите размислувања и приказни за феминизмот, еманципацијата, женскиот активизам и многу други теми, во разговор со Ана Јовковска ги споделија Лабина Митевска, Мерсиха Смаиловиќ, Ненад Марковиќ, Ана Бунтеска и Огнен Јанески, како и Елена Пренџова со својот слем-поезија перформанс, по што дружењето продолжи со бендот „Џун“ во холот на Кино „Фросина“ каде што публиката имаше можност да ја разгледа и изложбата „Признаените vs. невидливите жени“ составена од шведската изложба „Пионерските чекори во воведувањето на надворешна феминистичка политика“ и македонскиот „еквивалент“ во кој беа претставени невидливите жени од нашата историја.

Настанот за одбележување на 8 Март во рамките на „Вечерите за женски права“ беше организиран од ОН жени канцеларијата во Скопје, Град Скопје и Институтот за човекови права, во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје.

Како дел од овогодишните „Вечери на женски права“ ќе биде организирана „Недела на вечери на женски права“ (26-31 мај 2018) во Кинотеката на Македонија, проследена со дебати со ученици во средните училишта, за што наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП