27 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба по повод 8 Март – „Жената во Македонија низ времето“

Изложба по повод 8 Март – „Жената во Македонија низ времето“

На 7 март во 12 часот во атриумот на „Сити мол“ во Скопје ќе биде отворена изложбата „Жената во Македонија низ времето“.

НУ Музеј на македонската борба, НУ Археолошки музеј на Македонија и Ансамбл Македонија организираат заедничка вонмузејска поставка на артефакти, носии и инсталации за жената низ различни периоди од историјата на Македонија.

Преку внимателно одбрани експонати, изложбата покрива период од праисторијата, па сè до поновата историја на жената во Македонија. Хронолошки ќе бидат претставени осум археолошки експонати насловени како „Праисториските дами од Македонија“, шест историски инфотабли каде што ќе биде претставена „Жената борец за државност и самостојност“ преку ликовите на Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија – Мара, Сирма Војвода, Константина Настева Бојаџиева – Русинска, како и пет експонати што ја отсликуваат македонската жена низ фолклорот.

Покрај одбележување на Денот на жената, идејата на изложбата е да се презентираат музејски артефакти надвор од музејските простории. Овој пат изборот е скопскиот „Сити мол“, едно од најфреквентните места во градот, каде што граѓаните ќе имаат можност да се доближат до нашето културно наследство на непосреден начин.

Изложбата ќе може да се погледне од 7 до 14 март во атриумот на приземјето на „Сити мол“ во Скопје, кој за оваа цел ќе биде адаптиран како музејска галерија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП