2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВидеоигра на македонски креатори ќе биде промовирана во МКЦ

Видеоигра на македонски креатори ќе биде промовирана во МКЦ

Промоција на видеоиграта наменета за светскиот пазар, а на која работел тим Македонци, „Франтикс“ (Frantics) ќе се одржи в среда (7 март) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Зад „Франтикс“ стои компанијата за видеоигри „Напнок гејмс“ (NapNok Games), чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, меѓутоа има и свое претставништво во Скопје. На играта околу две години работеле седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да говориме за ‘Франтикс’, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, којашто подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и Плејстејшн 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. ‘Франтикс’ е многу социјална игра, којашто открива нови технологии и начини на комуникација“, вели Дајана Димовска, косопственичка на „Напнок гејмс“.

Станува збор за игра, која преку различни мини-игри им овозможува забава на четири играчи. „Франтикс“ е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава. Направена е во копродукција со „Сони плејстејшн“, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видеоигри.

„Напнок гејмс“ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видеоигрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП