3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Скопски брас-квинтет“ со музика од „Битлси“ и „Квин“ во Македонската филхармонија

„Скопски брас-квинтет“ со музика од „Битлси“ и „Квин“ во Македонската филхармонија

Првпат во Македонија познатите теми од легендарните групи „Битлси“ и „Квин“ ќе прозвучат од лимени дувачки инструменти. На 7 февруари, среда, во камерната сала на Македонската филхармонија во 20 часот, концерт ќе одржи „Скопски брас-квинтет“ во состав: Александар Илијевски и Вилијам Бараковски – труби, Благоја Василевски – хорна, Никола Ристевски – тромбон и Александар Ниниќ – туба.

На програмата се популарните: Bohemian Rhapsody, Imagine, Hey Jude, I Want to Hold Your Hand, Yesterday, She Loves You, Somebody to love, Help…

„Скопски брас-квинтет“ е формиран во 2016 година, но идејата да се создаде ваков тип на состав кај неговите членови тлеела уште од нивните студентски денови. Огромна била желбата кај нив да се покажат лимените дувачки инструменти во една поинаква улога.

Од „Битлси“ до Бах, од Џон Вилијамс до Сони Компанек, репертоарот на „Скопски брас-квинтет“ е широк и се движи низ разни стилови и жанрови. Иако досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера. Не случајно изборот се композиции од „Битлси“ и „Квин“ за да се чуе и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти надвор од класичниот музички репертоар.

Членовите на „Скопски брас-квинтет“ се редовни членови во националните музички куќи – Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг бендот на МРТ и Биг бендот на Здружението на џез-музичарите на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП