26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова

Промоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова

На 25 декември, понеделник, со почеток во 19.30 часот во клубот ГЕМ ќе се одржи промоција на книгата „Танатополитика и права“ од Вики Младенова, а промотори ќе бидат Славчо Димитров и Љубомир Фрчкоски. „Танатополитика и права“ е прва книга на Вики Младенова, односно овој текст е приспособен за издавање по одбраната на нејзината магистерска теза „Преиспитување на принципот на универзалност на човековите права преку парадигмата на Џорџо Агамбен гол живот.

Книгата е издадена од издавачката куќа „Сигмапрес“, уредена од професорката Маја Бојаџиевска, со поговор на Славчо Димитров.

„Танатополитика и права“ содржи обид за современо мислење на човековите права и нивната онтологија нудејќи разни теориско-филозофски позиции на критичко мислење на современата криза на човековите права и потребата од реконструкција на заедницата, на човекот или воопшто на субјектот.

„Авторката релевантно нè води низ возбудите на кризата на субјектот и неговата универзалност, низ местата на дистопија и распаѓање на модерната автономија и самодетерминација на индивидуата, носител на човековите права. Места каде што се распаѓаат големите системи на политиките на сила зад кои зјаат логорот и голиот живот во него. Места што значат зачекорување кон тера икогнита на новите сингуларности и солидарност на телата во борба. Извонредно и возбудливо четиво!“, вели Љубомир Фрчкоски.

„Како критика во времиња на криза на човековите права, Вики Младенова ја зграпчува кризата како конститутивна за концептот на човековите права, како сведоштво за онтолошкиот процеп во човековите права, нивната бестемелност и контингентно основоположување, притоа посочувајќи ги вкоренетите односи на моќ и доминација во самиот концепт за човекови права и механизмите на исклучување инхерентни во дефинициите за нив. Младенова на овој начин можеби нè става пред едно од клучните прашања на нашето време, прашањето какви политики се можни по или отаде биополитиките на човековите права и нивните негативни и исклучувачки темели?“, вели закнигата Славчо Димитров.

Вики Младенова е родена на 2.10.1991 година. Своето високо образование го завршува во Скопје, на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на додипломските политички студии и потоа на постдипломските правни студии (меѓународно право и односи). Покрај „Танатополитика и права“ пишувала и други пократки текстови, токму во областа на политичката филозофија, филозофијата на правото и критичката теорија. Сега е на истражувачки престој во Пиза, на Scuola Normale Superiore, под туторство на професорот Роберто Еспозито.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП