Уште една фантастична рецензија за македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески пристигнува директно од домот на светската филмска индустрија, Холивуд, и од едно од најзначајните филмски списанија во светот, „Холивуд репортер“.
Известувајќи од меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој се одржа од 17 ноември до 3 декември 2017 година, Стивен Далтон од „Холивуд репортер“ вели дека Ставрески со неколку свои тајни состојки успешно го надминува локалниот контекст и го придвижува филмот кон „универзално-препознатливиот терен на нерешени семејни проблеми, опасното суеверие и исцелителната моќ на љубовта“.
„’Исцелител‘ е неочекуван трагикомичен ’дијамант‘ кој освен фестивалските кругови може да ги шармира и независните дистрибутери“, вели Далтон. Понатаму во рецензијата, Далтон го издвојува и протагонистот Благој Веселинов како „згоден и пријатен на еден неуреден и потиштен начин“ и заклучува дека постои можност и за англиски римејк на филмот, предложувајќи ги Вуди Харелсон или Метју Меконахи како одличен избор за главната улога.
Покрај ѕвездената рецензија во „Холивуд репортер“, Ставрески доби и посебно признание за сценариото на 17. издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел, на кој „Исцелител“ ја имаше својата премиера на 5 декември и второ прикажување на 6 декември, во склоп на официјалната натпреварувачка програма на фестивалот. Медитеранскиот филмски фестивал се одржува секоја година во декември и покрај натпреварувачката програма има и премиерно прикажани филмови, најдобри филмови и документарци, дискусии, средби со режисери, како и концерти, диџеи и медитерански пазар.
На меѓународниот филмски фестивал од „А категорија“ „Црни ноќи“ во Талин, „Исцелител“ ги распродаде сите три прикажувања и ги импресионираше светските критичари, добивајќи исклучителни рецензии во некои од највлијателните филмски списанија, како „Варајети“, „Скрин дејли“ и други значајни списанија и блогови. Филмот исто така беше прикажан и на уште еден меѓународен филмски фестивал од „А категорија“ во Индија – Гоа (ИФФИ).
Претходно, „Исцелител“ оствари фантастичен успех на својата премиера на Солунскиот филмски фестивал, каде ја освои наградата од публиката и стана дел од историјата како прв македонски филм кој освоил награда на овој фестивал.
„Исцелител“ моментално се прикажува во кината „Милениум“ и „Синеплекс“, а од 22 до 24 декември ќе се прикажува и во 3Д Кино Битола.