2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУчилиштето „Нова“ одбележа две децении јубилеј со над 5000 ученици кои минале...

Училиштето „Нова“ одбележа две децении јубилеј со над 5000 ученици кои минале низ образовната институција

Меѓународното училиште „Нова“ вчера во преполната сала на Македонската опера и балет го одбележа јубилејот од две децении, а на настанот присуствуваа голем број етаблирани гости.

Присутните погледнаа музички и танцови перформанси како и церемонија која беше варијација на доделувањето на „Оскари“, но овој пат статуетките отидоа во рацете на оние кои изминативе две децении успеале да поддржат и насочат на вистински пат генерации и генерации на ученици и воедно придонеле училиштето секогаш да ги задржи високите стандарди во работата и постојано да напредува. По настанот кој беше исполнет со музика и танц се одржа и свечен коктел на кој голем број на луѓето кои биле и се дел од големото семејство на „Нова“ разменија искуства и разговараа за деновите поминати во училиштетото.

Во изминативе 20 години низ „Нова“ поминале повеќе од 5000 ученици, а голем дел од нив образованието го продолжиле на некои од најпрестижните светски универзитети меѓу кои и „Харвард“, „Јејл“,  „Оксфорд“, „Принстон“, „Беркли“, „Бард“ итн.

– Ние го гледаме училиштето како лидер во образованието во поголем регионален контекст. Во првите редови на реформите во образованието и во практиките кои ги предвидуваат сеизмичките промени во денешниот свет и ги подготвуваат учениците за предизвиците на кои ќе наидат во овој свет кој е технолошки поврзан, а воедно и постојано се менува – посочуваат од училиштето „Нова“.

На вчерашната свечена прослава на сцена се качија и поранешни ученици како и професори кои изведоа специјално подготвени точки кои кореспондираат со поводот – јубилејот од две децении. Но, врвот на вечерта беше доделувањето на статуетките со што им се даде признание на некои од најзаслужните луѓе во градењето и развојот на оваа институција.

– Идејата беше целата програма како и водителите на интересен и хумористичен начин да пробаат да го доловат карактерот и динамиката на училиштето. Главните протагонисти одговорни за развојот на образованието и напредокот кај учениците добија  статуетки и тие отидоа во рацето на грижливите и посветени наставници, ефикасната администрацијата, лидерството кое ја креира визијата, родителите како најголема поддршка на децата, кафетеријата, обезбедувањето и луѓето кои неуморно се грижат за хигиената на училиштето – објаснуваат од „Нова“.

Во училиштето има три дивизии: предучилиштен центар, основно и средно училиште. „Нова“ е меѓународно училиште, акредитирано од Middle States Association of Colleges and Schools и поддржано од Американскиот Стејт Департмент.

Покрај редовната програма во „Нова“ се изведуваат програмите по Меѓународна Матура (International Baccalaureate) и AP програмите на високо ниво (College Board).  „Нова“ е дел од асоцијацијата CEESA во која членуваат акредитирани меѓународни училишта од централна и источна Европа.

Во училишната програма  се вклучени голем број на клубови и вон-школски активности кои се специјално креирани за потребите на  учениците. „Нова“ е формирана во 1997 година, а од тогаш училиштето постојано ги усовршува своите просторни, кадровски и програмски параметри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП