10 мај, 2025
ПочетнаКУЛТУРАИзложба: „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ од Ниш

Изложба: „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ од Ниш

Во Музејот на град Скопје вечерва со почеток во 19.00 часот во сала 1 ќе биде отворена изложбата на Александра Мириќ, архитект-конзерватор, претставник на младата генерација на балканската ликовна сцена. Авторката е посветена на проучување и промоција на културното наследство, како и на истражување на културниот идентитет и неговата визуелизација со различни средства на изразување.

Валоризацијата на градителското наследство ја изучувала на Универзитетот во Прованса. Со докторат од областа на археологијата се здобила на Универзитетот во Лион, а со докторат од областа на архитектурата на Универзитетот во Ниш. Досега имала три самостојни изложби во Ниш и една во Париз. Учествувала на повеќе од десетина меѓународни ликовни колонии и групни изложби.

На единствениот ликовен конкурс во Србија посветени на надреализмот, „Во чест на Матиќ“, нејзината слика „Светците кои маршираат“ од циклусот „Радосници“ ја доби првата награда. Нејзините дела се наоѓаат во разни галериски фондови и приватни колекции во земјата и ширум светот.

Проектот „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ претставува материјализација на искусеното, канал за пренесување на нејзините емотивни сензации и доживеани наративи. Преку двата циклуса („Места“ и „Чувства“), авторката визуелно ги отелотворува просторот, луѓето, чувствата и мислите што ја опкружувале и обземале во еден за неа битен и бурен период што оставил печат врз нејзиниот личен и професионален развој. Се работи за дела создадени во текот на седумгодишното живеење на релација Србија – Прованса, но и за делата што сè уште ги создава носејќи го во себе тоа искуство. Во споменатиот период авторката има пропатувано неколку континенти, запознавајќи и поврзувајќи се со луѓе од целиот свет. Со оваа изложба вторката се враќа во Скопје, за кое ја врзуваат нејзините корени и големата љубов.

Не избегнувајќи ја својата професија (Александра е специјалист за споменици на културата и двоен доктор на науки во областа на архитектурата и археологијата), таа го интерпретира својот свет што никако не е статичен.

Трагајќи по сопствениот сликарски израз, таа трага и по своето место во времето, во науката, во љубовта, во семејството. За неа наследството не е само историја заробена во камен. За неа минатото е инспирација што носи радост и игра, отелотворена во нејзините дела.

Преку користење интензивен колорит и разиграни детално разработени форми, Александра Мириќ ги споделува своите перцепции за местата и луѓето. Раскошноста и полнотијата на колоритот се огледало на ризницата на

најразлични чувства од кои авторката не се срами. Напротив! Нејзините дела емитираат снажен поттик набљудувачот да се вклучи, да ги спознае, да ги совлада сопствените бариери и да зачекори храбро во сопствениот свет каде што се` уште се разменуваат нежни погледи, каде што оние кои веќе не се со нас се`уште седат еден крај друг.

Во соработка со Музеј на Град Скопје, проектот е поддржан од страна на Градот Ниш, Студентскиот култур центар Ниш и Нишкиот културен центар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП