
По успешното учество на овогодишниот меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“, претставата „Бакнати од сонцето“ ќе биде одиграна на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, во „Мала станица“ со почеток во 19 часот.


По успешното учество на овогодишниот меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“, претставата „Бакнати од сонцето“ ќе биде одиграна на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември, во „Мала станица“ со почеток во 19 часот.
Претставата е авторско дело на членовите на „Театар Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска, и на актерите – лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ – Скопје.
Во перформансот учесниците преку игра, танц и иновативно користење на проектирани видеоклипови ги презентираат своите светогледи, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себеизразување и потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.
Влезот за претставата е бесплатен.
„Митревски и Илиевска успеваат како ретко кои домашни автори да создадат едно чувство на интима во перформансот, на дијалог без зборови меѓу публиката и актерите. Додека го гледате перформансот, се чувствувате вовлечени во внатрешниот свет на секој од актерите. Ги живеете и се соживувавте со нивните емоции, пренесени со една речиси детска искреност. Одлично аранжираниот музички избор, на моменти енергичен, хаотичен, подоцна смирен, интроспективен, само служи да го потенцира чувството на исполнетост, заокруженост и да го олесни комуницирањето на примарниот наратив на перформансот. И токму во моментот кога почнувате да мислите дека тоа што го гледате е премногу, дека сетилата ви се задоволени до нивниот максимум, перформансот завршува. Многу може да се зборува за театарот, но една од одликите на вистински добрите автори е тоа што знаат кога и како да ја затворат приказната – без претенциозност, без непотребно проповедање. Што се обидувам да кажам? Сакам да кажам дека екипата одлично гаѓа во целта. Накратко, ‘Бакнати од сонцето’ е можеби најдобрата македонска претстава која ја немате видено. Топло ја препорачувам“, вели Атанас Димитров од Радио МОФ.