29 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНедела на современиот израелски филм во Кинотеката на Македонија

Недела на современиот израелски филм во Кинотеката на Македонија

Во Кинотеката на Македонија, во соработка со израелскиот амбасадор во Македонија и Еврејската заедница во Република Македонија, од 2 до 6 декември ќе се одржи филмскиот циклус посветен на современиот израелски филм.

Ќе бидат прикажани 6 филма со превод на македонски јазик. Филмската ревија в сабота ќе биде отворена со филмот „Хармонија“ со две проекции од 19 и 21 часот во режија на Ори Сиван, филм што ја задржува посебната суштина на библиската приказна и додава интимна и човечка перспектива.

В недела ќе се прикажува документарниот филм „Посебна посета во Македонија“ во режија на Пјер Лави, кој ја документира посетата на делегација на лица со посебни потреби од Ерусалим во Македонија во септември 2016. Истиот режисер ќе се претстави со уште еден документарен филм в недела, а тоа е филмот „Кармелим во Македонија“, кој ја документира концертната тура во Македонија на трупата „Кармелим“ од школата „Лео Бак“ во Хаифа во јули 2016 година. В понеделник публиката ќе има можност да го гледа филмот „Татако“ во режија на Мени Јаеш, а филмот „Витлеем“ ќе биде прикажан во вторник. Филмскиот циклус ќе биде затворен в среда со документарниот филм „Најдобрите за мечување“ во режија на Лијат Мер.

Филмската критичарка Гена Теодосиевска вели: „Последниве 20-ина години израелскиот филм го привлече вниманието не само на критиката туку и на филмофилите и на публиката. Би рекла дека својата најголема меѓународна сатисфакција израелскиот филм ја доживува на најпознатите и најголеми филмски фестивали од највисока категорија во светот, на кои во која било програма е особено тешко да се влезе, а особено кога на нив ги добиваат и најпрестижните награди. Венеција, Берлин, Кан, Карлови Вари, Торонто, Монтреал, Шангај, Минхен, Локарно, Ротердам, Варшава, Битола… сè до Холивуд, со кој е несомнено поврзан првенствено преку големите американски продуценти, кои се во голем процент од еврејско потекло, а многумина од нив и им се враќаат на своите корени во Израел“. Додава дека фактот што сите шест филма се од понова продукција уште повеќе ја потврдува грижата на идејните творци на оваа селекција да нè угостат со визуелни доживувања, кои се привилегија за другите киноприкажувачи.

Амбасадорот Дан Оријан, пак, вели дека ќе продолжи да вложува посебни напори и да носи инспирација од Израел и истакнува дека инспирацијата од Македонија, каде што се чувствува како дома, и од Македонците е неговата главна задача тука.

Билетите за проекциите се бесплатни и може да ги резервирате од 16 до 19 часот на билетарницата на Кинотеката на Македонија на 02 3065 968. Резервираните билети може да се подигнат 30 минути пред почетокот на проекцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП