15 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАКултниот ексју-монтажер Андрија Зафрановиќ добитник на лауреат на „Синематик“

Култниот ексју-монтажер Андрија Зафрановиќ добитник на лауреат на „Синематик“

Андрија Зафрановиќ е добитник на наградата за животно дело што ја доделуваат Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија и Филмскиот фестивал „Синематик“ посветен на монтажерите.

Зафрановиќ е познат како монтажерот на „Татко на службен пат“ и „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, „Балкански шпион“, а во последно време работеше на три македонски филмови „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески, „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, како и на малцинската македонска копродукција „Устав на Република Хрватска“ од Рајко Грлиќ.

Тој ќе ја прими наградата во Скопје за време на одржувањето на второто издание на фестивалот „Синематик“ од 14 до 16 декември и ќе одржи мастерклас на 15 декември на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Во рамките на тродневната програма на „Синематик“ ќе бидат прикажани шест филмови во официјална конкуренција во киното „Фросина“ и во Кинотеката на Македонија.

На вториот фестивалски ден ќе биде прикажана и двочасовна селекција на студентски филмови од млади монтажери. Во рамки на фестивалот ќе биде одржана и работилница „Концептот на виртуелната реалност во филм“ / The Concept of Virtual reality in Film. Работилницата е во соработка со Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА од Битола, која е единствената асоцијација во земјава што практикува виртуелна реалност.

Фестивалот свечено ќе биде затворен со доделување на наградите на 16 декември во Кинотека на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП